Коле Чашула. Црнила Лица НЕДА ИВАН МИЛКА ЛУКОВ ХРИСТОВ ФЕЗЛИЕВ МЕТОДИ МЛАДИЧОТ Дејството се одигрува во 1921 година, во Софија Лицата и настаните во оваа драма се измислени. Секоја сличност со постојните тогаш лица е случајна и ненамерна. Авторот „Долу по полено, по врабацине, до срцево С? е така и ноќ и нож в плеќи забиен Не ме уплашија векови со нож од туѓа рака Ме плаши час од рака своја в плеќи“. Анте ПОПОВСКИ I - Четири ѕида ЧЕТИРИ ЅИДА. Во нив урамена - пустелија. А с? е тука: слики по ѕидовите тешки двојни завеси врз прозорците ормани што прилегаат на мртовечки сандаци исправени покрај ѕидовите несмасни кожени фотелји штавени овчи кожи расфрлани по подот една земјена Геновева и ламба прокудена во аголот притисната од темновиолетовиот абажур. Мразни прсти светлина се преклани врз кожите. Тишина. Негде вон пригушен женски отпор. Вратата се отвора. Во пустелијата се урамува првин таа - Неда и веднаш потоа тој - Иван. НЕДА: ... А сега, ти се молам - оди си. ИВАН: (Ја затвора вратата зад себе и влегува во собата. Се гледа дека не му е достатна дотогашната љубовна игра и сака да ја продолжи.) НЕДА: Иване, мили... биди добар. Биди разумен. Иване, се плашам. ИВАН: Се плашиш? Од него? Од мажот? НЕДА: Иване, ти се молам. ИВАН: Прости. Не мислев да те навредам. (Трга накај неа. Очевидно е дека сака да го поправи тоа што го згрешил.) НЕДА: Не... Не... Не... Не, мили. (Отпрвин таа се противи, се обидува да се ослободи од неговата челична стега, да се откине од неговиот здив, но не успева. Потоа, ненадејно и во див грч, почнува да го прекрива со трескави бакнежи неговото лице, неговиот врат. Нејзините зборови се неразбирливи и прилегаат повеќе на изгубени, искинати крикови.) ИВАН: (Во првите мигови тој им се предава на тие бакнежи, дури се обидува и да се поигра со нив, но набрзо станува свесен дека со Неда нешто нечекано се случува и затоа ја зема нејзината глава во своите раце, се обидува да и’ погледне во очите.) Ти плачеш? НЕДА: Не. Не. Не гледај ме. (Сета се впива во неговата прегратка. Едно време остануваат така замолчени. Потоа, проговорува Иван. Сега веќе неговиот глас е подруг, топол, загрижен, а тој самиот е замислен, загледан негде пред себе.) ИВАН: Ех, ти. Се сеќаваш ли за вечерата кај Иванов? Јас бев штотуку дојден од фронтот, уште груб, острвен, со сета душа потоната во крвје и сосем одвикната од бледите лица на Софија, со нејзините женски тоалети и парфеми... Влегов во салонот сиот бесен што дозволив да ме довлечкаат на таа сенилна седенка од ислужени политичари и патриотари, згнасен од нив и цврсто решен да се опијам до бесвест... Тогаш те видов тебе. Седеше во еден од аглите на салонот, сама, уплашена. А јас, јас бев војник, суштество што заборавило дека постои и осаменост... Се сеќаваш ли што ми одговори кога ти пристапив? „Ви предлагам едно - молчење“ - ти реков... НЕДА: Ти одговорив? Јас знам само дека ги затворив очите и... Иване, мили, не оставај ме. ИВАН: Ти многу добро знаеш дека нема да те оставам. НЕДА: Иване. Се плашам. Се плашам - од Луков. ИВАН: Ти - се плашиш од Луков? Не е возможно? Каква причина имаш ти да се плашиш од Луков? НЕДА: Иване, твојот раководител Луков - ме следи. ИВАН: Те следи? НЕДА: Го чувствувам околу мене како сениште. Понекогаш ми се чини дека сите сенки и црнила во овој дом како да се негови сојузници... како да ме прогонуваат. Иване, сеќавам цел еден железен обрач дека се стега околу мене! Иване, зошто Луков сите свои акции ги подготвува во мојов дом? Зар организацијата не може да најде друг дом за таа цел...? ИВАН: Смири се. Сето тоа се твоите ослабени нерви. НЕДА: Не се нервите. Ти и самиот знаеш дека цела Софија расправа оти го заклал Костова само затоа што му - пререкол? ИВАН: Не само поради тоа. Најпосле, заборави го веќе еднаш сето тоа. Не мисли повеќе. НЕДА: Како? Кажи ми, како? ИВАН: (Доверливо.) Луков доби задача, во најскоро време и со стопроцентна сигурност да го организира убиството на Ѓорчета Петров. (Откако ќе се обѕрне околу себе, со шепот.) Сигурно знам дека оваа акција му е доверена како последна шанса да се - искупи. Не успее ли - свршено е со Луков, засекогаш. НЕДА: (Потресена од тоа што првин го чу, како да не ги слуша последните зборови на Ивана.) Иване, зар на Ѓорчета Петров? Та само уште тој ни остана. (Во крик.) Иване, што станува ова со нас? ИВАН: Не прашај. Никогаш, никого не прашај го ова што ме праша сега мене. (Го сокрива својот поглед од погледот на Неда.) ... И не прашај ме - зошто? (За првпат скршен, сиот во неа.) Денес, мила моја, може да се остане жив единствено ако не се праша, ако не се знае ништо, ако не се има очи и мисла за ништо од сево ова што станува околу нас. Обиди се да ми поверуваш... НЕДА: Мили... (Се впива сета во него. Сега веќе таа го смирува него.) ... Можам ли јас да не ти поверувам? Та ти си единственото нешто што ме држи уште во животот. Понекогаш ми се чини дека живеам само за твоите доаѓања. ИВАН: (Ја бакнува долго, предадено.) НЕДА: Што би правела јас на светов - без тебе? (Ги провира своите прсти низ неговата коса. Едно време настапува молк. Потоа, придобивајќи сила на потрес, на надворешната врата се ѕвони.) НЕДА: Мајчице... (Ѕвонењето се повторува. Иван посига во пазувата и го вади револверот. Зазема позиција на одбрана кон вратата. Гледајќи го таков, Неда застанува пред него; како заштита. Дури со третото ѕвонење се слуша гласот на Милка.) ГЛАСОТ НА МИЛКА: Недо, јас сум. ИВАН: Отвори. Не плаши се. Ти само пропушти ја веднаш овде. Другото е моја грижа. (Ја бакнува. Неда уплашено му одвратува. Излегуваат. Пауза. По малку, низ истата врата низ која излегоа, влегува Милка.) МИЛКА: Мажот скоро ли ќе си дојде? НЕДА: Рече дека ќе се врати порано. МИЛКА: Сеедно. Ќе имаме достатно време за едно кафе. Стопли вода. Донесов кафе. Вистинско, чесен збор. Го купив контрабанда од еден војник од македонските полкови. Ми се колнеше дека лично го украл од англиските складови. Што ти е? Нешто си ми бледа? Да не си болна? НЕДА: Не, не, не сум. (Трга кон кујната.) МИЛКА: Кафево... НЕДА: (Се враќа, го зема кафето. Излегува, но вратата кон кујната останува отворена.) МИЛКА: (Станува и оди до вратата од кујната. Дијалогот што следува се води делум отаде, потоа Милка се враќа и седнува, само сега на другата, поблиска, фотелја.) Оној, мојон, утринава пак замина. Готви некој штрајк во Перник. Чесен збор, понекогаш ми се чини како да не сум се омажила за маж, како сите жени, туку за - политика, за целата светска политика. (Пауза.) ... Се распрашува ли оној, твојон с? уште за мене? Те мачи ли поради овие мои доаѓања? НЕДА: (Се враќа со свареното кафе.) Не. Во последно време не те спомнува. (Седнуваат.) МИЛКА: Чесен збор, кога не би го сакала толку колку што го сакам, би му се одмаздила така - никогаш да не ме заборави. НЕДА: (Да го прекине разговорот.) Мириса чудесно. МИЛКА: Ти велам, вистинско бразилијанско. (Пијат.) ... Да го видеше кутреникот од кој го купив. Лика и прилика на смртта. А раскажува бедниот дека пред војната бил чевлар, имал дуќан, жена, деца. Сега е еден од оние бездомници што ги гонат по софиските улици како бесни кучиња. Еден од оние што минатата недела демонстрираа пред Дворецот. Македонец. Како само за нас, Македонците, да се создадени сите црнила на овој век. Затоа и му се лутам на оној мојон: Македонец, роб, туѓ овдека и сегде по светот, запнал светска револуција ќе ми крева. И тука јас твојот маж го наоѓам за прав: го интересира само Македонија и ништо повеќе. Пред две недели, се врати оној мојон од Пловдив и ми вели: „Облечи се, ќе те водам на едно место“. Претстави си: ме одведе право - кај кого мислиш? - право кај Ѓорчета Петров. НЕДА: (Се тргнува од замисленоста. Очигледно дека ја освестува спомнувањето на името од Ѓорчета.) МИЛКА: Да, да. Кај Ѓорчета Петров. Да видиш и самата, ми рече, дека не се откажал од Македонија. Си го видела ли ти некогаш Ѓорчета Петров? НЕДА: Како малечка. МИЛКА: Човек занемува пред него. И му се сака никогаш да не престане да го слуша. Ми даде една книшка да ја прочитам. Има таму една негова статија за две Македонии. Плакав кога ја читав. Сакаш ли да ти ја дадам да ја прочиташ? НЕДА: Не. Не сега - доцна е. МИЛКА: Не мислев јас ни самата сега. Утре изутрина одам в град. Сакаш ли двете да им се измолкнеме одовде, онака сами, па да удриме едно тарашување низ чаршија, како кога бевме девојчиња? Што ти е тебе денес? Сево време зборувам, а тебе како да те нема? НЕДА: Ништо. Ништо. Те слушам. МИЛКА: Не ме слушаш. Што има? Што станало? НЕДА: Ништо. МИЛКА: (Навредено.) Твоја волја. Последново време не знам како да разговарам со тебе. Или си нешто лута на мене, овие мои доаѓања...? НЕДА: Нема ништо. Денес нешто ме боли главата и тоа е с?. МИЛКА: Не ти верувам. Да не би да е нешто со твојот маж. Последниве денови многу луѓе ти се војваат низ куќи? НЕДА: (Ја прекинува.) Ти се молам, не прашувај ме. (Настапува натегната, непријатна пауза, момент кога сите зборови се чинат излишни. Тишината ја нарушува шум од автомобилот, кој запира пред куќата. Неда истрчува исплашено кон прозорецот. Гледа. Се врти.) Тој е. МИЛКА: Си одам. Доаѓам утре во девет. Биди готова да не те чекам. (Ја прегрнува нежно Неда и излегува.) НЕДА: (Ја испраќа, потоа забрзано ги изнесува филџаните од кафето. Додека Неда е во кујната, во вратата се слуша клучот. Влегуваат Христов, мажот на Неда, и потоа Луков.) ХРИСТОВ: (Продолжувајќи го разговорот што го водел надвор.) Што мислите, господин Луков... не ќе биде ли подобро, јас првин да разговарам со неа? (Влегува Неда.) Добар ден, мила. Како си? НЕДА: Благодарам, добро. ЛУКОВ: Добар ден, госпоѓа Христова? НЕДА: Добар ден. Повелете, седнете. ЛУКОВ: Благодарам. (Седнува.) НЕДА: (Излегува.) ХРИСТОВ: Господин Луков, само уште нешто... Како да речам... Редно ли е, редно ли е сево ова... баш на овој начин? ЛУКОВ: (Надмоќно и иронично.) Господин Христов, треба ли овие ваши зборови да ги разберам - како откажување? Јас категорички одбивам да ги примам како такви. Но,... ако ме присилите со вашето инсистирање на прашања и објаснувања, јас ќе се видам принуден да му реферирам на Иванов дека се - откажувате, па тој нека ја разгледа уште еднаш таа работа? ХРИСТОВ: Не. Тоа - никако. Вие многу добро знаете какво мислење имам јас за Иванов и како се однесувам кон неговите решенија? Нека биде онака како што решил тој. ЛУКОВ: Ми се чини дека така ќе е најдобро. Денес времето не е за дискусии, туку за дејство. Акциите се единствениот доказ дека Македонија е жива, дека се бори. (Влегува Неда со ракија.) ... Се надевам дека и вашата ценета сопруга го мисли истото? ХРИСТОВ: Секако, секако. НЕДА: Повелете. Ќе сакате ли кафе. Немаме чисто, но... ЛУКОВ: Не. Ви благодарам. НЕДА: (Трга да излезе.) ХРИСТОВ: Душичке, како да речам... Остани, остани... НЕДА: Да не ви пречам? ХРИСТОВ: Не. Не. Напротив. Потребна си ни. Нели, господин Луков? НЕДА: (Збунето седнува. Настапува мала, но натегната пауза.) ХРИСТОВ: (Прави обиди да го најде вистинскиот збор со кој да почне. Сиот негов напор се претвора во некакво своевидно пелтекање, сето сочинето од испокинати зборови:) Душичке... Како да речам... Знаеш... ЛУКОВ: Госпоѓо Христова, Вашиов уважен сопруг и јас сме овде поради една многу важна работа. Работа од историско значење. ХРИСТОВ: (Олеснето.) Да. Да. Историческа за нашата кауза. Токму, токму поради таа работа, јас ќе треба, јас ќе треба... и овој пат... да заминам на пат да останам таму десетина дена или... или помалку, нели господин Луков? ЛУКОВ: Да. ХРИСТОВ: За тоа време, мила, ти не треба да се грижиш за мене, јас... како да речам... јас ќе се наоѓам на сигурно место и... воопшто за сите работи ќе се грижи ЦК. Да... и господин Луков, се разбира. Нели, господин Луков? ЛУКОВ: Се разбира. Се разбира... НЕДА: Јас не сакам да останам сама дома. Ќе дојдам и јас со тебе. На господин Луков ако му треба нашиов дом, нека го ползува сосем непречено - ние откако ќе си отидеме. ХРИСТОВ: (Се обидува, уплашено, да и’ даде скришен знак да не зборува така.) ЛУКОВ: (С? така надмоќно и иронично.) Се извинувам, госпоѓо Христова, но Вашето присуство овде е - неопходно. Инаку сета акција може да биде доведена во прашање. НЕДА: Јас... ЛУКОВ: (Ја прекинува.) Малку трпение, госпоѓо Христова, и... малку повеќе доверба. Ви се молам да н? - ислушате. Задачата што ни претстои е од таков карактер што бара Вашиот сопруг, токму поради тоа што е еден од најистакнатите работници во нашето легално движење, да не биде замешан во работата. Од друга страна, потребно е Вие, за сето време додека тој ќе биде отсутен - да сте дома. НЕДА: Не разбирам - зошто? ЛУКОВ: Некои работи, госпоѓо Христова, ќе Ви станат јасни - подоцна! ХРИСТОВ: (Со молба, го повлекува Лукова настрана.) Господин Луков, како ќе биде јас да поразговарам насамо со неа? ЛУКОВ: Добро. (Го погледнува саатот.) ХРИСТОВ: Не. Не. Нема да биде долго. ЛУКОВ: Во ред. ХРИСТОВ: Ви благодарам. Повелете во другава соба. (Излегуваат. По малку се враќа Христов. Тој внимателно ја затвора вратата зад себе и ја повлекува Неда во спротивниот агол од собата. За сето време додека разговара со неа тој го чувствува Лукова, постојано гледа кон собата каде што остана тој и се штрецнува на секој шум. Отпрвин, тој ја гледа во очите и потоа немоќно почнува да ја гали. Има нешто безмерно очајно и тажно во тоа негово преплашено галење.) НЕДА: (Го покрива лицето и ја забива својата глава во неговата прегратка.) ХРИСТОВ: Што можам јас? Кој ме праша мене за нешто? Ме повикаа пак кај Иванов. Што можев јас да им речам? И самата знаеш што стана, пред една недела само, со Попов. Се обиде да им се спротивстави и... и остави четири сираци по себе. Душичке, ти се молам, разбери. Ако им се спротивставам, тие ќе ме откинат од тебе. А зошто ми е после мене животот? Душичке, ти се молам. Уште овој пат. Белки ќе биде последен. Ми ветија дека ќе ме остават на мира. Биди храбра, само уште овој пат. И не плаши се, јас... јас нема да бидам далеку, нема... нема... (Нешто тропнува во собата каде што остана Луков. Христов се скаменува на местото и одеднаш така скаменет почнува да говори, да говори гласно и со подигнат глас, да го чуе Луков.) Освен, освен тоа, ние мораме да бидеме горди, горди што н? одбрале баш нас и нашиов дом за една таква историска, историческа, задача и... НЕДА: Ти се молам, престани. (Надвор се слуша автомобилска сирена. Влегува Луков. Неда и Христов се откинуваат во грч еден од друг.) ЛУКОВ: Се извинувам. Жалам, господин Христов, но автомобилот не може повеќе да чека. И самите знаете... ХРИСТОВ: (Стои изгубен, скаменет на местото и само повторува:) Да, да, да... ЛУКОВ: (Оди до закачалката каде што Христов го остави мантилот, го сметиња и му го носи.) ХРИСТОВ: (Покорно се облекува. Ја зема шапката и едно време се чини, така изгубен ќе излезе. Меѓутоа, тој се враќа, застанува пред Неда, не може да изусти ни збор, но затоа се наведнува, и’ ги бацува двете раце и излегува. Излегува, немајќи сили да се сврти.) ЛУКОВ: (Го испраќа до вратата и, откако ќе ја заклучи, веднаш се враќа.) НЕДА: (Трга да излезе.) ЛУКОВ: (Ја запира со својот збор, токму пред да излезе.) Сосем не ги сакам преправањата, госпоѓо Христова. И ме збеснува кога некој ме присилува да изигрувам - шут. Седнете. НЕДА: (Седнува.) ЛУКОВ: (Останува да стои. Прави мала, но акцентирана пауза.) Вие многу добро знаете дека јас знам - с?. И дека токму затоа ми се одвратни обидите да бидам измамен. НЕДА: (Се обидува да рече нешто. Луков ја прекинува, остро и грубо.) ЛУКОВ: Молам. Уште не сум свршил. (Пауза.) ... Ми се чини дека еднаш - и тоа категорички - Ви забранив да се виѓавате со Вашата сосетка? Уште повеќе да ја примате - овде! Како ќе ми го објасните последното доаѓање на таа жена? Последното...? НЕДА: Таа доаѓа сама и јас не сум во состојба и без причини да и’ ја затворам вратата и да ја терам... ЛУКОВ: Жалам, госпоѓо Христова, но со или без причини - таа жена не ќе може да има никаков допир ниту со Вас, ниту со... Вашиот дом? НЕДА: (Молчи. Пауза.) ЛУКОВ: Пред с?, ја познавате ли Вие таа жена? НЕДА: Другарки сме од детство. Две години живееме врата спроти врата. ЛУКОВ: И сигурно ќе речете дека таа жена е „срдечна, непосредна, мила“? НЕДА: Да. ЛУКОВ: (Пауза. Потоа Луков почнува да шета по собата. Отпрвин тоа се бавни кругови околу Неда, но со време тие стануваат с? помали, додека тој не стигне до точката која е центар на кругот, веднаш зад Неда. По мал застој, Луков го почнува движењето по истата врвица, но сега во спротивна насока.) Во ред. Ќе ми дозволите ли сега, јас да го насликам вистинскиот портрет на таа жена? Пред с? - таа жена има сосема нездраво... минато. Потекнува од фамилија на наши политички непријатели - комунисти? Мажена е за еден од нивните најактивни раководители. Нејзините, нејзините така чести посети во овој дом имаат... известителна цел. НЕДА: Таа за ништо не се распрашува и... и јас не би можела да поверувам дека би го сторила тоа против мене... ЛУКОВ: (Исчекувајќи ја да сврши.) Од Вас, госпоѓо Христова, не се бара да поверувате, туку... да слушате и да се потчинувате. (Пауза.) Впрочем... Зар не Ви паѓа в очи дека посетите на таа жена паѓаат токму во моменти кога Вие имате средби од - интимен карактер? НЕДА: (Се счудоневидува од тоа што го слуша.) ЛУКОВ: (Задоволен од ефектот на своите зборови, пак надмоќен и циничен.) Не присилувајте ме, Ви се молам, госпоѓо Христова, да ги изговорам гласно работите на кои им се противи моето домашно воспитание? Ако би станало нужно, јас би можел да спомнам и имиња и детали... НЕДА: (Грубо.) Ви се молам. ЛУКОВ: Добро. Мене тие Ваши... интимни посети сосема не ме интересираат. Тие се Ваша лична работа. Јас и не би ги спомнал да не ме - присилевте? Тие сосем не се по мојот вкус, ниту по моралниот вкус на нашата организација. Вашиот ценет сопруг е видна личност во македонската емиграција и ние сме загрижени да не дозволиме да падне врз него сенка што би можела да го опетни. Тоа што тој не е во состојба да Ви биде сопруг, во онаа смисла во која Вие би сакале... НЕДА: Господине Луков. ЛУКОВ: (Ја набљудува Неда. Потоа, великодушно.) Нека Ви биде. Другпат не предизвикувајте ме. (Седнува.) Но, на работа. Во Вашиот дом ќе дојде до извесни подготовки за една акција. Тоа е с? што Вие треба да знаете. Тие подготовки треба да останат засекогаш тајна по цена на нашите и Вашиот живот. Уште вечерва овде, кај Вас, ќе се вселат, тајно се разбира, четворица мои луѓе. НЕДА: Четворица? ЛУКОВ: Жалам. Јас ќе бидам - петтиот? Тројца од моите луѓе Ви се познати, четвртиот ќе Ви биде непознат. Ваша задача е да не се впуштате во никакви разговори со него. Во никакви... (На надворешната врата се ѕвони. Но овој пат ѕвонењето има свој распоред.) НЕДА: (Станува. Се чини ќе тргне кон вратата.) ЛУКОВ: Се извинувам. Тоа се нашите. Јас ќе отворам. Отсега натаму, отворањето ќе биде само наша грижа. Можете да си одите. НЕДА: (Тргнува кон кујната.) ЛУКОВ: (Ја запира пак со својот збор.) И... и ќе идете овде само кога ќе Ве повикам? НЕДА: (Излегува.) ЛУКОВ: (Го проверува својот револвер и дури потоа трга кон надворешната врата. По малку се враќа. Лут е. По него во собата влегува Иван.) ЛУКОВ: Па тоа е вистинска свинштина. Што мислат тие? После, пак ќе излезе виновен за с? само Луков. (Пауза. Луков се обидува да се смири. Затоа оди и внимателно ја затвора вратата низ која излезе Неда и проверува таа да не наслушува.) ИВАН: Крстју просто ми рече дека Младичот не може да се качи на попладневниот воз и дека ќе тргнел со вечерниот. Да ти кажам право, не се распрашав повеќе, зашто и самиот го знаеш каков е. ЛУКОВ: И? ИВАН: Не ми остана ништо друго, освен да го оставам Методи да го чека и вечерниот воз. Мислиш дека би можеле да ни приредат некое изненадување? ЛУКОВ: Зошто не, кога сме вакви влечковци? Би можеле тие да н? ликвидираат кога ќе им се посака. Јас токму затоа и сакав тој Младич да пристигне дење. Сите терористи, според некое глупаво правило, пристигнуваат ноќе. И сите нив ги грабнуваат, ги убиваат или ги затвораат пак - ноќе. Со попладневните возови патуваат само благонадежните граѓани. ИВАН: Не мислиш дека имале смелост да го пречекаат возот, да го сметнат од воз и... ЛУКОВ: Зошто не? Би го направиле ли ние кога би станувало збор за атентатор против нас? Би го направиле. Зошто тогаш тие да не го сторат тоа? Не попусто ги земам јас сиве овие мерки на претпазливост. Тие би можеле да имаат и смелост и дрскост да ни се истоварат овде, да расчистат со нас и... од атентатот да не остане ни помен. ИВАН: Каде е тогаш Фезлиев? Да не се има запиено некаде? ЛУКОВ: Тој не се запива кога знае дека не смее. ИВАН: Мене тоа не ме засега, но ти имаш недозволена слабост кон Фезлиев. ЛУКОВ: (Лут и жолчен.) Сите ние имаме недозволени слабости. Поради таква една недозволена слабост ќе дозволеше, пред малку, да те затечат - по гаќи. ИВАН: Би сакал да ти објаснам. ЛУКОВ: Ги мразам објаснувањата. Јас не те пратив кај неа... (Покажува со глава кон кујната каде што се наоѓа Неда.) ... јас не те пратив кај неа да изигруваш некаков сентиментален глупак, туку да ја направиш зависна од нас и од нашето молчење. И не играј си со главата. Мене, меѓу другото, ништо не ми пречи да испратам, уште денеска, некој друг кај неа? Да речеме: Методи! ИВАН: Престани. Станува збор за човек, по ѓаволите. Што ти дава право да зборуваш така... ЛУКОВ: Што слушам? Треба ли ова да го разберам како знак дека господинот почнал да се вљубува? И дека наместо тој да ја стутка неа, таа успеала да го подврзе него? Убаво. Гледам дека навистина си се уморил од животот. Што треба да значи, по ѓаволите, оваа идиотштина? ИВАН: Тоа дека нема смисла на тој начин и со таков јазик да се говори за луѓето... ЛУКОВ: (Грубо го прекинува.) Ни збор повеќе. Има да биде јас како што велам, инаку салдото ќе биде јасно. Многу јасно. Разбра? ИВАН: (Повторно се обидува да рече нешто.) ЛУКОВ: Не сакам одговор. (Седнува во софата.) Донесе ли весници? ИВАН: Да. Еве ги во мантилот. (Оди, ги зема и му ги подава на Луков.) ЛУКОВ: (Ги зема, ги прелистува и потоа погледнува на саатот.) Точен ли ти е часовникот? ИВАН: Точен. Четири и дванаесет. ЛУКОВ: По ѓаволите, уште цели пет часови. (Пауза.) Понекогаш ми се чини дека сиот живот сум го поминал во чекање на луѓе што задоцнувале со своите пристигања. Каква глупост. (Се зафаќа пак со весниците. Светлината почнува да се намалува. Пустелијата поцрнува и потонува во мракот од каде што изрони.) II - Нешто малку повеќе од три дена подоцна НЕШТО малку повеќе од три дена подоцна во истата пустелија. Сега се тројца Луков Иван и Фезлиев. Луков стои до прозорецот и гледа во капките дожд што личат на долго и заборавено плачење. Иван седи во фотелјата и чисти некакви темни очила. Фезлиев седи на тврдиот стол веднаш до вратата од претсобјето и го полни и го празни шаржерот на својот револвер. Тишина. Одот на времето измерен е со влегувањето и излегувањето на куршумите од шаржерот. Разговорот е подморница. ИВАН: Доста, по ѓаволите, со тој твој шаржер. Има веќе цели дваесет минути само го полниш и го празниш. ФЕЗЛИЕВ: Јас само така... заради тренинг. Му потребува тоа понекогаш на човека. Му го спасува животот. ЛУКОВ: (Го прекинува.) Задоцнуваат веќе седумнаесет минути. (Пауза.) ФЕЗЛИЕВ: (Гледајќи низ прозорец.) Гаден дожд. Тежок. Одиш по улица и ти се чини дека сака да те поваса, да те потоне во калта трпеливо и без остаток. ИВАН: Кога би можеле да бидеме сигурни во него!? ФЕЗЛИЕВ: Сигурни. Во нашава работа, драг мој Иване, сигурноста сосем не е единица под наша команда. Таа ја има незгодната страна да ни намигне или да ни се искриви, дури по свршениот чин и... кога с? е веќе доцна. ЛУКОВ: Стануваш досаден со тие твои... шеги. Не наоѓаш ли дека не им е местото овде? ФЕЗЛИЕВ: Добро. На дневен ред е - господа - молчењето. (Пауза.) ... Си го претставувам: млад, полн со идеали... Тој мора да е од оние младичи што сосем сериозно веруваат во својата историска мисија и кои мислат дека зад секое нивно револуционерно поткашлување не стои никој друг туку Таа - Историјата со голема буква. ЛУКОВ: (Наслушува.) Ми се чини дека доаѓаат. ФЕЗЛИЕВ: (Станува. Го вади пиштолот. Наместува куршум во шаржерот и оди до вратата. По малку, се враќа.) Пак е оној од третиот кат. ИВАН: Оној ли што има „топла“ жена? ФЕЗЛИЕВ: (Се прави дека не го чул Ивана.) ИВАН: (Почекува малку, па продолжува.) Веќе седми ден чекам да го прогласиш за сомнителен и да побараш да го - ликвидираме. ФЕЗЛИЕВ: (Нетрпеливо и иронично.) Овој збор, Иване, сосем не ти прилега тебе. Ако е навистина твој, тогаш: изненаден сум од твојата интелигенција? ЛУКОВ: Замолчете веќе еднаш. ФЕЗЛИЕВ: Нека ме остави на мира. (Нагласено.) ... Меѓу другото, јас не ги добивам жените како организационо задолжение. ИВАН: (Само што не удрил.) ЛУКОВ: (Ги запира со гласот и двајцата.) Фезлиев! ФЕЗЛИЕВ: Јас сум веќе - нем. (Пауза.) ФЕЗЛИЕВ: (Се наведнува, ги зема весниците. Ги прегледува.) ИВАН: (Пали цигара. Го впива чадот нервозно и со кратки повлекувања.) ЛУКОВ: (Се враќа назад до прозорецот.) ФЕЗЛИЕВ: Би требало некој да почне да печати - досадни весници. И да излезе - една утрина - со цела чета продавачи развикани по улиците: „Досадни весници! Досадни весници!“ Тогаш некој друг би почнал да печати „Уште подосадни весници“, а некој трет „Најдосадни весници“. Убеден сум дека народот би почнал да се тепа за да купи од весниците, а досадата би станала најбарана работа на светов. ИВАН: Глупости. ФЕЗЛИЕВ: Нели, Луков? Би било навистина возбудливо човек да ја продава досадата во три изданија: утринско, пладневно и вечерно. Згора на тоа би можел да печати и провинциско издание. (Пауза.) Одете по ѓаволите обајцата. Сосем сте без дух. (Пауза.) ЛУКОВ: Не ми се допаѓа ова нивно задоцнување. (Погледнува кој знае по кој пат во часовникот.) ИВАН: Ни мене. ФЕЗЛИЕВ: Нервите. Тоа се нашите драги и уморени нерви, нашите кутри и ислужени „револуционерни“ нерви. Почнуваат да се возбудуваат заради едно задоцнување од половина час. Овде - на Балканот - каде с? што живее задоцнува со четири века. ЛУКОВ: Престани еднаш. ФЕЗЛИЕВ: Ти ја знаеш мојата цена? ЛУКОВ: Тоа не е возможно. Сега сме на работа. ФЕЗЛИЕВ: (Луто.) По ѓаволите, ќе го постават човека за челник на Ѓорче да не е Ѓорче, туку игла. ЛУКОВ: Замолчи. ФЕЗЛИЕВ: Само неколку голтки. Чесен збор, Луков, само неколку голтки... ЛУКОВ: (Се воздржува, ги прави последните обиди да изгледа спокоен.) Туку што не дошол. Ќе сети по миризмата. ФЕЗЛИЕВ: По миризмата? Нема тој, драги мој Луков, баш никаков усет за каква и да било миризма. Кога би го имал - зар би се здружил со нас, зар би ги сврзал своите идеали со луѓе како мене, како Иван и како тебе? Кога тој навистина би имал усет за миризма, би си го затнал носот и би избегал на крај свет, зашто сево ова што се шири околу нас, сосем не е... (Запира. Исчекува. Гледа дека и двајцата го игнорираат. Бесно.) Па, да. Свест. Дисциплина. Очите на нашиот мил и напатен народ во овој час гледаат во мене. Јас сум неговиот Спасител. А на спасителите не им е дозволено да пијат, дури ни кога ќе се најдат меѓу двајца разбојници... ЛУКОВ: (Уште додека Фезлиев ги зборува последните реченици, излегува кон кујната и токму со последниот збор на Фезлиев се враќа со шише во раката. Го остава, со удир по масата, пред Фезлиев.) ФЕЗЛИЕВ: (Отпрвин е изненаден од појавата на шишето пред него, потоа диво, како некој да ќе му го грабне, го зема и скоро го сокрива во себе. Дури кога ќе го крене да се напие, забележува дека во шишето има сосем малку за пиење.) По ѓаволите, па овде навистина останале само капки. Како си можел така бездушно да го отпразниш? (Го крева шишето и пие. Пие диво. Откако ќе отпие, го гледа Ивана.) Што ме гледаш. Секој си го заработува својот леб и вино на свој начин. (Повторно пие. Овој пат со цврста намера да го испразни до дно. Токму кога тоа и го чини, на вратата се слуша ѕвонењето, со договорениот знак.) ЛУКОВ: (Му приоѓа на Фезлиев, го растресува за јаката од палтото и го фрла во најблиската фотелја.) Расипа ли нешто - ќе те изрешетам јас лично. Така да знаеш. (Трга кон претсобјето. Како и првиот пат тој го вади, го полни својот револвер. Истото го прави и Иван. Последен станува Фезлиев и се упатува на своето место. И покрај тоа што на вратата се повторува договорениот знак, тројца во собата заземаат позиции што не допуштаат да бидат изненадени и измамени. По малку, Луков ја отвора вратата и во собата - откако неразбирливо ќе ги разменат лозинките - влегуваат Младичот и Методи. Младичот ја изгледува собата, потоа Ивана и Фезлиев, во чии раце с? уште се наоѓаат револверите. Иван и Фезлиев се насмевнуваат и ги враќаат револверите во своите футроли.) ЛУКОВ: Жалам што морам да почнам со забелешки. Повелете, седнете. МЛАДИЧОТ: (Седнува. Другите се распоредуваат околу него како околу центар. Овој распоред останува долго неизменет, како нешто што се скаменило.) ЛУКОВ: ... Не ми се допаѓаат задоцнувањата. Во нашава работа задоцнувањата се плаќаат многупати со глава. МЕТОДИ: Возот, возот задоцни дваесет и седум минути. ЛУКОВ: Не станува збор за тоа задоцнување. (На Младичот.) Вие требаше да стигнете со попладневниот воз? МЛАДИЧОТ: По мене дојдоа во два часот попладне. Зошто, не ми е познато. Веројатно така требало. ЛУКОВ: (Незадоволен од одговорот на Младичот.) Уште нешто: влегувајќи овде, Вие сте обврзани да го заборавите Вашето име, местото каде што сте се родиле, своите родители и блиски... МЛАДИЧОТ: Ги немам. Мајка ми и татко ми беа заклани, кога бев сосем малечок. Оттогаш имам само еден родител: Организацијата. ЛУКОВ: Жалам, таква е нашата судбина. (По мала пауза.) Понатаму: одовдека се излегува само по мое одобрување. На ѕвонењето на вратата, не се отвора освен ако е нашиот договорен знак, а штом некој ќе се обиде да влезе насила - се пука без предупредување. Централниот комитет ми ја довери задачата под овие услови и ќе Ве молам да не ја усложнувате. ФЕЗЛИЕВ: Зошто толку строго пред самиот почеток? (Му ја подава раката на Младичот.) Те замислував токму таков. Изгледа дека има некој закон по кој сите млади револуционери бездруго треба да изгледаат токму како тебе. Колку години имаш? МЛАДИЧОТ: Дваесет. ФЕЗЛИЕВ: Се надевам дека ќе станеме пријатели? ЛУКОВ: (Веднаш штом ќе сврши Фезлиев.) Ви рекоа ли за што сте испратен овде? МЛАДИЧОТ: Не. ЛУКОВ: Добро. За тоа - подоцна. Имате ли некои блиски или познати во Софија? МЛАДИЧОТ: Ви реков, немам. ЛУКОВ: Првпат сте во Софија? МЛАДИЧОТ: Првпат. Не познавам никого, освен сега вас. ЛУКОВ: Од кога сте во организацијата? МЛАДИЧОТ: Од оној ден кога ме симнаа комитите од дрво во чии гранки ме скри мајка ми за да ме спаси од колењето. ЛУКОВ: (По мала пауза.) Да. Ракувате ли добро со оружје? МЛАДИЧОТ: (Остро.) Се разбира. ФЕЗЛИЕВ: А сте стрелале ли во жива цел? МЛАДИЧОТ: (Скоро грубо.) Не. Но тоа за мене нема никакво значење. ФЕЗЛИЕВ: Има. За жал - има. Живата цел има очи, има душа, има глас, живата цел се приближува, а понекогаш во раката има и револвер... МЛАДИЧОТ: (Скоро отскокнува од навреденост.) Вие не ме познавате мене и јас со ништо не сум Ви дал повод да се сомневате во мене. ФЕЗЛИЕВ: (Срдечно.) Јас не се сомневам, туку напротив... ЛУКОВ: (Го прекинува Фезлиев.) Ве распрашуваме за овие работи, зашто е во прашање една навистина решителна акција, решителна за... МЛАДИЧОТ: (Суво и отсечно.) Досега немало задача што ми била возложена, да не сум ја извршил. ЛУКОВ: Тоа ми е познато. Препораката со која ни бевте упатен беше навистина блескава. МЛАДИЧОТ: (Нетрпеливо.) Ви се молам: во што се состои задачата? ЛУКОВ: (Правејќи обид да го смири Младичот, да го покори.) Централниот комитет реши да премавне еден многу опасен предавник и изрод на нашиот народ. Бидејќи имињата изостануваат, ќе Ви кажам засега само дека Централниот комитет го смета неговото премавнување како прва и основна задача на нашата организација. Понатаму, бидејќи станува збор за лице од навистина демонски формат, за човек пеколно лукав, расипан... ФЕЗЛИЕВ: ... Со неколку збора: станува збор за лице обдарено со неколку непријатни својства. Едното е - усетот да ги открива своите убијци уште пред тие да го извадат револверот и да ги спружува на улица без особени церемонии. Токму затоа и Ве распрашував, преѓеска, дали сте стрелале во жива цел. Сега, пак, ќе Ве посоветувам само едно: ако сакате да останете жив, не дозволувајте и’ на соодветната личност да се сврти. Стрелајте од грб и гледајте да погодите уште со првиот куршум. ЛУКОВ: Колегава малку увеличи некои работи, но сепак останува дека е од решителна важност да стрелате без тој да Ве сети. Ние сме му сите познати и затоа нашата ролја во акцијава ќе се сведе да Ве помогнеме и да Ве заштитиме, се разбира ако стане нужда. МЛАДИЧОТ: Кога треба да биде убиен? ЛУКОВ: Секој ден од неговиот живот е од непоправлива штета за нашиот народ. МЛАДИЧОТ: Утре? ИВАН: Вам - Ви се брза? ФЕЗЛИЕВ: И... дури не прашате кој е човекот што треба да го убиете? МЛАДИЧОТ: Тоа не е моја грижа, туку грижа на организацијата. ФЕЗЛИЕВ: И сосем не те интересира кого... убиваш? МЛАДИЧОТ: (В лице.) Зар се важни имињата на предавниците? За мене е достатно кога организацијата ќе рече за некого дека е предавник. ФЕЗЛИЕВ: Само уште ова: како си ја замислувате Вие - организацијата? МЛАДИЧОТ: Јас не ја замислувам, јас и’ припаѓам. ЛУКОВ: (Упаѓа за да го спречи лизгањето на разговорот по стрмнината која не му е пријатна.) Правилно. Тука Ви е приготвено легло. Одморете се, а утре другариве ќе Ви го покажат уличниот агол каде што ќе треба да ја извршите акцијата. МЛАДИЧОТ: (Станат.) Не може ли да отидеме уште вечерва. Јас би го исползувал дождот за да се запознаам подобро со околината. ЛУКОВ: Сега е доцна. Минувачите околу тој агол се сосема ретки, може некој од неговите луѓе да Ве забележи. Оставете ја таа грижа на мене...? Па тогаш, се чини дека за вечерва е с? свршено? ФЕЗЛИЕВ: Конспиративните имиња? ЛУКОВ: Да, ќе заборавев. Моето име ќе биде Рилски. ИВАН: Сарски. МЕТОДИ: Сувогорски. ФЕЗЛИЕВ: А моето - Тажен. Ќе ми дозволите ли јас да Ви дадам име? Орце. И Ви се молам, не прашајте ме зошто? МЛАДИЧОТ: (Изненаден.) Од каде го знаете моето вистинско име? ФЕЗЛИЕВ: (Збунет.) Вашето вистинско име? Се извинувам. Тоа е сосем игра на случајот. Ве нареков Орце затоа што ми сличите на... Ви се молам, простете. (Се оддалечува, збунето и скршено.) ЛУКОВ: Нека остане Орце. (На Младичот.) Се гледа дека сте млад во овој вид работа. Во ваков случај се премолчува вистината. МЛАДИЧОТ: (Сакајќи што побргу да си отиде.) Можам ли да знам кој ќе биде со мене во собава? ЛУКОВ: Речиси, сите... сите ние, освен вас, ќе спиеме на смена. Заради стражата. Сарски, одведи го Орцета в кујна и нареди за вечерата. (Иван и Младичот излегуваат. Откако ќе излезат, Луков му наредува на Методи, сега веќе деловно и суво.) Методи, вратата. МЕТОДИ: (Оди и ја затвора вратата низ која излегоа Иван и Младичот. Останатиот дел од разговорот се води главно придушено.) ЛУКОВ: Како патувавте довде? МЕТОДИ: Го ставив, како што рече ти, во затворен пајтон. На пајтонџијата му ја бев кажал адресата однапред, така што не стана нужда да ја повторувам пред Младичот. ЛУКОВ: А кога запревте пред куќава? МЕТОДИ: Дождот не му дозволи да ја крене главата и да погледа каде влегува. Скалилото беше пусто. ЛУКОВ: Добро. Сега слушај ме. Утре ќе настојувате тој по никоја цена да не добие ориентација ниту за местото на атентатот, ниту пак за куќава. Уште сега ќе отидеш кај Крстју, нека најде под наем некој затворен пајтон, тој самиот нека се преправи во пајтонџија и утре рано да дојде по вас. Ќе му објасниш да вози колку може позаобиколно, така што и стар софијанец да ја загуби ориентацијата. Нека ве истовари на некое незабележливо место, далеку од местото на атентатот. Под изговор дека се чувате од луѓето на Ѓорчета, вие ќе треба да исплетете околу местото на атентатот таков лавиринт, што тој никогаш да не биде во состојба да се извлече од него без наша поддршка и помош. И... не сакам никакви разговори околу тоа кој треба да биде убиениот. Уште повеќе што Централниот комитет изречно ми заповеда - Младичот никогаш да не разбере дека го убил токму него, Ѓорчета Петров. А сега на работа. (Го повлекува со себе кон излезната врата.) ФЕЗЛИЕВ: (За себе.) Да не разбере дека го убил Ѓорчета Петров! Како Ѓорче да не е Ѓорче, туку игла. МЕТОДИ: (Веќе на вратата.) Јас се враќам уште вечерва? ЛУКОВ: Се разбира. МЕТОДИ: (Излегува.) ЛУКОВ: (Го испраќа, го исчекува да излезе и дури потоа се враќа.) ФЕЗЛИЕВ: (Сето време седи замислен. Гледа пред себе, како тука, врз подот, да го открива она што го мачи.) ЛУКОВ: (Заустува нешто да рече, но Фезлиев го прекинува.) ФЕЗЛИЕВ: Ни збор. Не сакам да имам ништо општо со ликвидацијата на овој Младич. ЛУКОВ: (Изненаден.) Ти бладаш. ФЕЗЛИЕВ: Јас не бладам. И ти се молам, не изигрувај пред мене - невиност! Јас така добро ги познавам сите твои реквизити со кои ја подготвуваш секоја ликвидација, што ги сеќавам уште пред година време. ЛУКОВ: Замолчи. ФЕЗЛИЕВ: Не прекинувај ме, ти се молам. Јас многу убаво чув с? што му порача на Методи. До пред малку мислев дека станува збор само за тоа како најефикасно да се убие Ѓорче Петров и тоа навистина не ме засегаше. Јас овде си го заработувам својот леб и не е моја работа да преценувам зошто го убивте токму него. Ме бунеше само едно: зошто не ни ја доверија таа акција нам? Откако го видов Младичот, почна да ме буни: кому му е и зошто потребно да извалка една таква револуционерна чистота и добродетел, каква што е Младичот? Дури отпосле, од твојот разговор со Методи, ја разбрав вашата намера: вам ви треба човек што ќе го изврши убиството и ќе ви овозможи вие да останете неоткриени - човек што ќе умре, по извршениот атентат, од вашата рака и што ќе продолжи да ви служи, онака како што ќе посакате! Вие однапред сте ја продале и неговата смрт. ЛУКОВ: Фезлиев. ФЕЗЛИЕВ: (Продолжува, сосем како Луков да не рекол ништо.) Едно, едно само да знам: до кога? До кога? Лукове, умори се, умори се еднаш веќе, ако останало нешто во тебе. Одбери таква задача од која никој од нас нема да се врати жив. Зар не гледаш дека е тоа единствениот пат ние самите да се ослободиме, додека уште има време? Лукове, разбери, многу скоро и тоа ќе стане невозможно, а овие младичи... ЛУКОВ: Замолчи. ФЕЗЛИЕВ: Ти се молам, не заканувај ми се. Тебе многу добро ти е познато дека твоите заканувања минуваат кај мене како - смешни. Можеш со нив, ако ти се посака, да го плашиш Методија или Ивана, да изигруваш пред Младичот дека си член на Централниот комитет или човек од самите врвови на организацијата, но не заборавај, ти се молам, дека сите тие фасони, кај мене, не врват. Јас и ти премногу добро си ги знаеме опачините за да си бидеме интересни. Меѓу другото, во последно време пројавуваш особен интерес за тоа - каде се движам. Не обидувај се ништо. А најмалку да ја бараш онаа работа. Таа е скриена таму каде што ти жив никогаш нема да стигнеш. Тоа е мојата гаранција дека ти никогаш не ќе смееш да постигнеш на мене, та дури ни во вид на еден од оние твои фамозни куршуми што се наоѓаат таму каде што не им е местото. Твоево подновено интересирање ме вади од такт. Можат некој ден да ми попуштат нервите и да ја извадам на видело. Мислам дека ти е јасно колку интересно и поучно четиво би биле твоите показанија пред луѓето од Ѓорчета. Кон нив јас го имам дадено и мојот опис: како клечеше пред нив, како ги молеше да ти простат и како им ги веќаваше главите и на Иванов и на целиот Централен комитет, само да ја спасиш твојата... ЛУКОВ: Зошто сето тоа? Зар сиве овие години јас малку сум сторил за тебе? И до кога? ФЕЗЛИЕВ: Не прекинувај ме, ти се молам. Јас овде си ја играм својата ролја според договорот, играј си ја и ти твојата. Тоа е с?. И ти повторувам: не сакам да имам ништо општо со ликвидацијата на овој Младич. ЛУКОВ: Замолчи. Ќе те чуе. ФЕЗЛИЕВ: Јас свршив. Вечерва, јас прв ќе бидам на стража. Потоа, ќе се напијам и ти се молам не сакам никакви сцени... (Оди кон излезната врата. Скоро истовремено од вратата што води во кујната, влегува Неда.) ЛУКОВ: Каде бевте досега? НЕДА: Во кујната. Им давав да вечераат. ЛУКОВ: Во иднина одбегнувајте ги наслушувањата. Тие се плаќаат многу скапо. НЕДА: Јас не наслушував. ЛУКОВ: Можете да си одите. НЕДА: Не рековте... каде ќе спијам јас. ЛУКОВ: Во нашата соба, се разбира. НЕДА: Јас... ЛУКОВ: Добра ноќ, госпоѓо Христова. НЕДА: Мојата сосетка... ЛУКОВ: (Одвај се воздржува.) Јас мислам дека во однос на Вашата сосетка ние се разбравме, госпоѓо Христова? НЕДА: Но таа ќе дојде. Може да посака да влезе. Вие треба да ми кажете... ЛУКОВ: Кога треба да дојде таа Ваша сосетка? НЕДА: Утре, во девет. ЛУКОВ: Ќе бидете ли добри, госпоѓо Христова, до утре во девет да дозволите грижата за Вашата сосетка да ја имаме - ние? Добра ноќ, госпоѓо Христова. (Излегува.) НЕДА: (Останува сама на сцената. Потоа, трга бавно да излезе во својата соба. Ја запира гласот од Фезлиев. Неда се стреснува.) ФЕЗЛИЕВ: За да не Ве разбудувам, госпоѓо Христова, ќе бидете ли добри да ми објасните, каде се наоѓа ракијата во куќава. Јас имам навик пред јадење да си пивнам чашка - две. НЕДА: (Оди до креденецот и му вади цело шише со ракија.) ФЕЗЛИЕВ: Ви благодарам. (Заборавајќи на Неда, ја вади камата и со остриот врв се обидува да ја истера тапата. Неда е скаменета од сечилото на камата. Дури откако ќе го отвори шишето, Фезлиев ја забележува Неда дека е с? уште тука. Почнува да се обѕрнува.) НЕДА: Чашите се во кујната. ФЕЗЛИЕВ: Молам? НЕДА: Чашите се во кујната. ФЕЗЛИЕВ: Ах, да. Ви благодарам. НЕДА: Можам ли да си одам? ФЕЗЛИЕВ: Можете ли да си одите? Се разбира. НЕДА: Добра ноќ. ФЕЗЛИЕВ: Добра ноќ. НЕДА: (Излегува.) ФЕЗЛИЕВ: (Ја исчекува да излезе, потоа пие долго и жедно. Откако ќе го отпразни шишето, тој го затвора и се обѕрнува, бара место каде да го скрие. Ја сокрива ракијата и се враќа кон стражарското место. Го вади револверот и го полни. Но уште не довршил, се предомислува. Станува, оди до вратите, наслушува зад нив и откако ќе се увери дека таму е с? мирно, пристапува кон претресот на креденецот. Дури по подолго барање, во најдолната преграда наоѓа ред шишиња со ракија. Ги прегледува сите и откако ќе се увери дека се полни, задоволно го затвора креденецот. Оди до местото каде што го скри отпиеното шише, го вади и на неговото место скрива ново, полно, а со отпиеното се враќа кон масата. Сето ова го прави рутинирано и со постојан однос кон сите шумови во станот. На крај се смирува седнат покрај масата и одново пие. Сега веќе посмирено. По извесно време потпевнува нешто тажно но неразбирливо. Одеднаш запира со пеењето, се загледува пред себе.) Како да се гледам себеси во неговата младост. Еееех... (Пие. Откако ќе сврши со пиењето, запева, тешко, со болка, пијано: „Како ќе ја минам мајко, Таа река Вардар, Матна и крвава...“ Мракот го потонува во својата бездна и него исето околу него.) III - Неколку часа подоцна во истата пустелија НЕКОЛКУ часа подоцна во истата пустелија. Мрак. Светлина само во претсобјето. Таму опрен со главата врз ѕидот стражари веќе пијан Фезлиев. Вратата од кујната се отвора. Фезлиев се тргнува. Во неговиот скут откочен револвер. Откако ќе го види Ивана, Фезлиев спокојно го спушта револверот. ФЕЗЛИЕВ: Госпоѓа Христова спие во својата соба. ИВАН: (Божем не го чул.) Зошто не ме разбуди? ФЕЗЛИЕВ: Вечерва одеднаш смртно ми омрзнаа смените. ИВАН: Ти си пиел? Сега ми е јасно зошто не си ме разбудил цела ноќ? ФЕЗЛИЕВ: А ти да не мислеше дека во мене се возродила револуционерната страст и чувството за другарство? ИВАН: Ако разбере Луков... ФЕЗЛИЕВ: Драги мој, вдени го Лукова в појас и не вади го како страшило кога разговараш со мене. Луков е - мојата слабост. И јас сум, се разбира - неговата. Туку, наместо да расправаме такви глупости, јас имам поумен предлог: предлагам да си останам на моево стражарско место, а ти да си отидеш кај Госпоѓа Христова. Така и двајцата ќе си го добиеме она што го сакаме. Ти, и кога би ме сменил, не би издржал повеќе од половина час да не ја прекршиш стражарската дисциплина и да не се вовреш кај неа, а јас ти веќавам дека, ако ме смениш, немам никаква намера да одам да спијам и да се откажам од мадемов што сум го открил. (Мала пауза.) Не веруваш? Тоа сосем личи на тебе. ИВАН: Кого требаше прв да го разбудиш? ФЕЗЛИЕВ: Методи. ИВАН: А Методи - мене? ФЕЗЛИЕВ: Да. ИВАН: И... не го разбуди? ФЕЗЛИЕВ: Како што гледаш - не. Методи сигурно сега спие како заклан и сосем не му паѓа на ум да се тревожи како тебе - зошто не е разбуден на време. Не биди луд. Побрзај и уживај ја жената макар и по задача и не грижи се. Држи се само за тоа: „Методи не ме разбуди“ и с? ќе биде во ред. ИВАН: Замолчи. Никој не ти дозволи да зборуваш за таа жена. (По мала пауза.) Ти се молам... ФЕЗЛИЕВ: (Изненаден од молбата на Иван.) Да замолчам? Треба ли тоа да значи дека ти си ја засакал таа жена? (Се обидува да се соземе од пијанството. Му се приближува на Иван и за првпат му се обрнува со глас лишен од непријателство и подсмев.) Добро. Тогаш прими еден пријателски совет: ако си ја засакал - остави ја. Не гледај ме така. Јас и ти сме единствено луѓе кога ги напуштаме оние што најмногу ги сакаме. Побргу, зашто не ми се допаѓаат очите со кои ја гледа Луков. ИВАН: Ти си пијан. И тоа многу. (Го отфрла Фезлиева од себе.) ФЕЗЛИЕВ: (Резигнирано.) А ти си будала. И тоа многу. ИВАН: (Налутен, излегува.) ФЕЗЛИЕВ: (Гледа извесно време во насока каде што излезе Иван. Потоа, посига под столот и вади шише со ракија. Дури сега забележуваме дека тука се наоѓаат уште неколку празни шишиња. Пие, полека и долго. Потоа ја растресува главата.) Тбррррууу... Треба да се најде нешто за каснување. (Станува. Трга кон кујната. При тргањето за малку што не му испаѓа револверот на земја. Тој го крева и го става врз столот на кој седеше. Чекори бавно, се придржува за предметите околу него. Пее, како и на почетокот од овој дел, додека сам стражареше: „Не плачи, мило либе, не жали Јас пак ќе се вратам... “ Излегува. Извесно време сцената останува празна, испустена. Како с? да испоумрело околу неа. Дури по извесно време, полека се отвора вратата од спалната на Неда. Влегува Неда. Таа се обѕрнува околу себе, наслушува, потоа оди кон кујната, проверува низ пукнатината од вратата што прави Фезлиев и дури по сето тоа се упатува кон вратата од собата каде што е Иван.) НЕДА: (Со шепот.) Иване. Иване. ИВАН: (Влегува. Уплашен е, постојано се обѕрнува. Сосем не е оној Иван од почетокот на пиесата.) НЕДА: Иване, мили. (Му се фрла во прегратка, сета се впива во него.) ИВАН: Пссст. Чекај. НЕДА: Нема никој. Спијат. ИВАН: Каде е Фезлиев? НЕДА: Во кујната. Јаде. Пијан е. ИВАН: Пссст. (Проверува и самиот. Се враќа.) НЕДА: (Повторно ја бара неговата прегратка, но Иван ја отклонува.) ИВАН: А сега, оди си. НЕДА: Иване, мили. Не оставај ме сама. Ќе се збудалам. Иване, што станува ова со нас? ИВАН: Ништо. Тероризмот не може без овие работи. (Ја повлекува напред и со шепот.) Зар ти мислиш дека јас немам очи и дека не гледам што станува и каде сме? И дека сева оваа глутница што вие околу нас не ми е дојдена преку глава? Не, мила моја. Јас само чекам времињава да се смират, ќе појдам во Америка и не ќе сакам веќе да знам ниту за Луков, ниту за сета оваа врескотница што ја крчмиме на дребно како борба за Македонија. Треба да се издржи, мила. Само уште малку да се издржи. Треба да се верува дури и во невозможно, да се нема ни очи ни мисла за ништо и од сета оваа луња да се излезе со глава на рамениците. Не гледај ме така, ти се молам. Премногу крв имам на себе за да можам сега, токму во овој момент, да се откинам од нив. Тие би ме убиле, без премислување. Верувај ми. НЕДА: Иване, зошто? Зошто? ИВАН: Не прашај. Никогаш, никого не прашај го ова што ме праша сега мене. Тоа е единствениот начин - да останеме живи. Пак и нема човек кој би ти одговорил на тоа твое прашање. Сите ние - и ние терористиве и сета онаа мизерија од политичари, патриотари и џамбази и обичните луѓе, како тебе - сите ние сме немоќни пред она што се вика: судбина на Македонија. Затоа е најдобро да не се праша. Да се затворат очите, да се искорне во себе макар и последната трошка покорност и да се... Впрочем, не се тркаламе само ние во овие грозни црнила што зјапнале пред нас наместо иднина. Сиот свет. Ништо од сето она што ни се чинеше идеал, свето, апостолско - не остана чисто, неизвалкано... НЕДА: Иване. Не. Не зборувај така. Тоа не може да биде. Не може да биде. (Потонува во неговата прегратка, најпосле, по сето грчевито барање.) Уплашен мој. Ти си бил понесреќен и од мене. ИВАН: Бегај. Иде Фезлиев. Бегај. Бегај. Бегај... (Ја отфрла од себе и самиот бега во собата од каде што излезе.) НЕДА: (Останува сама, поттурната, изгубена среде таа пустелија. Тивко и низ солзи. И веднаш потоа во крик.) Иване. Иване. (Нејзиниот преклан крик нема одглас. Таа немо плаче и се враќа во својата соба... Сцената едно време останува пуста.Дури по извесно време, во собата влегува Луков. Очевидно е дека тој бил блиску и дека наслушувал. Тој е насмевнат надмоќно, гледа првин во вратата зад која побегна Иван, па потоа кон собата на Неда. Вади цигара и пали. Од кујната одново почнува да се слуша пијаното пеење на Фезлиев: „Не плачи, мило моме, не жали, Јас пак ќе се вратам... “) ЛУКОВ: (Оди до прозорецот и погледнува на улица. Но, уште не стигнал да погледа, слуша чекори по скалите. Го вади револверот и брзо застанува близу до надворешната врата. Уште пред да се чуе договорениот знак, Луков ја отвора ненадејно вратата. Во вратата е Методи.) Што има? Нели наредив никој да не доаѓа? МЕТОДИ: Стражата... стражата фатила еден човек. Сета ноќ се криел во темнините околу куќава и постојано гледал во прозорциве. Што да правиме? ЛУКОВ: Каде е? МЕТОДИ: Долу. ЛУКОВ: Имаше ли оружје? МЕТОДИ: Не. Постар некој човек. Убаво облечен. Сиот утоп покиснат од дождот. Крстју сака да го заколе долу во потонот. ЛУКОВ: Па? МЕТОДИ: Значи, да го нема? ЛУКОВ: (Не му одговара.) МЕТОДИ: (Тоа го разбира како согласност и трга да излезе. Токму кога ќе ја достигне вратата да излезе, Луков го запира со зборовите:) ЛУКОВ: Доведете го овде? МЕТОДИ: Овде? ЛУКОВ: Треба ли да повторам? МЕТОДИ: (Излегува. По малку се враќа и го пропушта пред себе Христов. Христов е сиот уплашен и изгледа сиот гровнат.) ЛУКОВ: (На Методи.) Излези пред вратана. МЕТОДИ: (Излегува.) ЛУКОВ: (Откако ќе остане насамо со Христов, го гледа со надмоќна, цинична, насмевка.) ХРИСТОВ: (За сето време гледа в земја и ја тутка во рацете својата шапка.) ЛУКОВ: И? ХРИСТОВ: (Молчи.) ЛУКОВ: (Првин долга, натегната пауза.) Моите луѓе сакаат да Ве заколат во потонот. ХРИСТОВ: (Молчи.) ЛУКОВ: Методи. МЕТОДИ: (Влегува.) ЛУКОВ: Одведи го, господинов... Тој ќе ти каже каде. (На Христов.) А Вам... Ви советувам, господине... да не излегувате отаде, с? додека јас не Ве повикам. А за ова - ќе разговараме подоцна. Можете да си одите. МЕТОДИ: (Излегува прв.) ХРИСТОВ: (Стои с? уште скаменет. Потоа, го крева, за првпат откако е влезен, погледот и се обидува да рече нешто. Едно време устата му се отвора, но не се слуша глас. Дури подоцна, тој успева да изговори:) Таа не свикнала да останува сама... Јас, затоа... затоа. ЛУКОВ: (Го чека да се доискаже. Но зборовите му откажуваат послушност на Христов, тој пак го сведува погледот в земја и по извесно време, тргнува да излезе. Луков, го пушта, с? додека не ја достигне излезната врата.) Господин Христов, сакате ли да ја повикам? ХРИСТОВ: (Се стреснува. Потоа, очајнички.) Не. Не. Ви се молам, не... ЛУКОВ: (Цинично.) Како сакате. ХРИСТОВ: (Со искрена благодарност.) Ви благодарам, Ви благодарам... Господин Луков. (Повторно трга, но запира. Сака нешто да каже, но не успева. Излегува.) ЛУКОВ: (Останува сам. Долго, надмоќно, гледа кон надворешната врата, потоа повторно сака да запали цигара. Констатира дека нема повеќе кибрит. Се упатува во собата од каде што дојде. Сцената пак останува сама. Нешто малку подоцна, се отвора вратата од спротивната страна и во собата влегува Младичот. Очевидно е дека штотуку се разбудил, ги протрива очите и се обидува да свикне со полумракот во собата. Потоа, трга кон светлината од претсобјето. Кога не ќе најде никого таму, се враќа пак во средината на собата. Го забележува револверот на Фезлиев. Го зема и почнува да го разгледува. Токму во тој момент, од кујната се враќа Фезлиев. Тој во еден мал подавалник носи за јадење. Кога ќе го види Младичот како го разгледува неговиот револвер, иако пијан, Фезлиев се стреснува, се обидува со сите сили да утврди вид ли е тоа или сениште. Штом ќе се увери дека не е привидување, го остава подавалникот и ја почнува својата игра да го разоружи Младичот.) ФЕЗЛИЕВ: Ти? Од каде ти овде? МЛАДИЧОТ: Се разбудив. Гледам во собата го нема другарот што спиеше со мене. Си помислив дека е тој на стража и дојдов... ФЕЗЛИЕВ: (Го трие челото. Сеќава дека го избива студена пот.) Не. Не е неговата смена. (Во вратата се појавува Луков. Тој го следи идниот дијалог меѓу Младичот и Фезлиев затскриен зад неа и невидлив за нив, но сето време со револверот в рака и готов да стапи во акција.) МЛАДИЧОТ: (Покажува со револверот.) Одамна ли го имате? Моделов е многу стар? ФЕЗЛИЕВ: Хм. Да. МЛАДИЧОТ: Бие добро? ФЕЗЛИЕВ: (Приближувајќи се.) Понекогаш прави засечки. Излижан му е удирачот. Еве овде... (Со брзо и пресметано движење, му го откинува револверот од рацете на Младичот. Од тоа откинување овега го заболува раката. Со револверот пак во своите раце, Фезлиев се смирува. Сега дури му се насмевнува олеснето и пријателски на Младичот.) ... Но, јас сум свикнал со него и затоа ми е тешко да се разделам. МЛАДИЧОТ: Горе вежбав со нагант. ФЕЗЛИЕВ: Го донесе ли? МЛАДИЧОТ: Не. Ми рекоа дека овде ќе добијам нов. ФЕЗЛИЕВ: Бездруго. Бездруго. Јас зедов малку да каснам. Ќе сакаш ли и ти малку? ЛУКОВ: (Се јавува дури сега. Револверот му е веќе во футролата, а тој влегува со вид како тогаш да се разбудил.) Се чини дека јас малку сум се успал, нели? Ти сигурно си веќе лут на мене што не те сменив? ФЕЗЛИЕВ: (Се обидува да се надоврзе на играта од Луков, иако е и изненаден и израдуван од неговото појавување.) Ништо. Ништо. Јас токму зедов нешто да каснам додека ти да дојдеш. ЛУКОВ: (Оди до абажурот и го пали. И како божем дури сега да го здогледува Младичот.) О, и вие сте тука? МЛАДИЧОТ: Свикнат сум да се разбудувам во мугрите. ЛУКОВ: (На Фезлиев.) Побрзај да фатиш малку сон, додека сосем не се развиделило. ФЕЗЛИЕВ: Прав си. Прав си. (Го зема подавалникот и излегува. Сосем заборава на пиењето што му остана врз масата.) ЛУКОВ: (Откако ќе излезе Фезлиев, со нагласена широчина и разбирање.) Извонреден работник. Уште да не пие, не би имале како него. (И веднаш се враќа на старата тема.) Вие одамна ли сте разбудени? МЛАДИЧОТ: Не. Дојдов на минута-две пред и Вие да дојдете. ЛУКОВ: (Му подава цигара.) Пушите ли? МЛАДИЧОТ: Не. Горе бевме скудни за тутун и затоа не ме научија. ЛУКОВ: (Ја пали цигарата.) А јас пушам премногу. (Седнува во фотелјата.) МЛАДИЧОТ: (Гледа низ прозорец.) Ја гледам муграва. Воопшто не личи на мугра. Небото црнее, се валка, а не дени. ЛУКОВ: А ние сосем не ја забележуваме. Сме го заборавиле усетот за неа. Бездруго е чудесна муграта над Пирин? МЛАДИЧОТ: И јас не ја забележував, с? додека не паднав болен. Сета ноќ, како што ми расправаа подоцна, сум бил во несвест од оган. Дури пред муграта, огнот стивнал. Се разбудив. Се чувствував страшно премален. Од мојата постела го видов војводата. Тој се насмевна и рече да ме изнесат пред колибата. И ми ја покажа муграта. Никогаш нема да ја заборавам; првин, ноќта како да распукна пред острината на пиринскиот врв, потоа пак с? поцрне, за да се искапе, малку потоа, снежниот врв во белината што почна да паѓа низ него, како превез низ снагата од мома. А долу, под нас, црнееја долините. Ми се стори дека никогаш, таму долу, нема да се раздени... Оттогаш, секое утро се разбудувам пред муграта и ја гледам. Ова ми е прво утро да ја видам вака валкана, градска. ЛУКОВ: Блазе си ти. По свршената работа одново ќе се вратиш на Пирин, на својот Пирин, а ние ќе останеме... овде. Рече - војводата? Кој војвода беше тогаш со вас? МЛАДИЧОТ: Всушност, тој и не беше војвода. Го викавме така затоа што еднаш поднапиен во Банско се прикажал како војвода. Инаку беше обичен борец. Загина првите денови од војната. ЛУКОВ: Жалам... Сега... мнозина ли сте горе? МЛАДИЧОТ: (По мала пауза.) Се извинувам, но, кога тргав отаде, ми беше речено со никого да не разговарам за тие работи. ЛУКОВ: Се разбира. Се разбира. (Пауза.) Во нашава ситуација тешко е да се најдат теми за разговор. (Пауза.) МЛАДИЧОТ: Би имал да Ве прашам нешто. ЛУКОВ: Повелете. МЛАДИЧОТ: Би сакал да го добијам револверот со кој ќе ја вршам акцијата. Да свикнам на него. ЛУКОВ: Ах, да. Се разбира. За неполн час ќе дојде пајтонот по тебе, а со него и твојот револвер. МЛАДИЧОТ: Јас повеќе би сакал да го имав веќе в раце? ЛУКОВ: Ќе го имате, ќе го имате. (Пауза.) МЛАДИЧОТ: Вие сношти ништо не рековте за тоа како ќе се повлекуваме од местото на акцијата? Или оставивте на самото место да се здоговориме? ЛУКОВ: Вие не грижете се. Вашата работа ќе биде само да ја претрчате далечината од местото на атентатот до пунктот каде што ќе Ве чека мојот човек. С? друго е... моја грижа. Имај доверба. МЛАДИЧОТ: Не станува збор за доверба. Јас сум одгледан од организацијата и за мене довербата во неа значи - доверба во себеси. Прашав само затоа што се плашев со моето непознавање на околината да не предизвикам некои непотребни тешкотии. Не би сакал јас да сум тој што ќе ја доведе акцијата во прашање. Ме разбирате... ЛУКОВ: Секако. Секако. МЛАДИЧОТ: Решено ли е кога ќе се вратам на Пирин? ЛУКОВ: Не. Но секако ќе треба да се вратите побргу. Овде, како што гледате и самиот, сосем не е сигурно ни за нас, а камо ли пак за Вас. Зошто? Толку ли многу Ви се брза за назад? МЛАДИЧОТ: Не. Мислев само, ако веќе останам подолго, да се видам со еден човек. ЛУКОВ: (Изненаден и испитувачки.) Па... Вие, ако не се лажам, сношти рековте дека немате никој свој и близок во Софија? МЛАДИЧОТ: И немам. Јас дури не сум сигурен ни дека тој се наоѓа во престолнинава. Не сум се видел со него цели тринаесет години. Претполагам дека и сега е во Централниот комитет, како тогаш... ЛУКОВ: Ми се чини дека ќе биде тешко, ако не и сосем невозможно. Членовите на Централниот комитет ретко се наоѓаат во Софија, но... ако биде воопшто можно, јас ќе сторам с? да успееме. А со кого сакате да се видите? МЛАДИЧОТ: Со Ѓорчета Петров? ЛУКОВ: (Се скаменува на местото. Одвај се созема од ненадејниот удар. Негова среќа е Младичот што не гледа во него, туку во белината што почнува да се јавува врз стаклото на прозорецот.) МЛАДИЧОТ: Дури сега почна да белее и да личи на мугра. ЛУКОВ: (Навидум соземен, но с? уште нема сили да се сврти кон Младичот и да му погледа в очи.) Со кого, рековте, дека сакате да се видите? МЛАДИЧОТ: Со Ѓорчета Петров. Се разбира, ако е во Софија и ако тоа не му пречи во работата. ЛУКОВ: Верувам... верувам дека е во Софија. Ќе се обидеме. А... од кога се познавате Вие со Ѓорчета? МЛАДИЧОТ: Тоа е долга приказна. Всушност, единствената приказна на мојот живот. Но, таа бездруго Вас нема да Ве интересира. ЛУКОВ: Напротив. Напротив. МЛАДИЧОТ: Ми се чини дека уште синоќа Ви расправив - сите мои беа заклани од Турците. Откако се заситија од колењето и грабежите Турците го напуштија дворот. Токму во тој момент на нив удри четата. Турците се дадоа првин на јуриш, потоа во бегање. Тогаш во дворот влезе човек со голема, веќе подбелена брада, опашан со колани и почна да им дава наредби на комитите на наш јазик. Дури кога ги чув неговите македонски зборови - се отцепи плачењето од мене. Тој ме чу, дојде и ме сметна. Ми ги затвори очите да не гледам и ме изнесе од дворот. ЛУКОВ: Тоа беше - Ѓорче Петров? МЛАДИЧОТ: Да. Тој. Во извесна смисла јас нему му го должам животов. ЛУКОВ: А... сте биле ли... оттогаш... често со него? МЛАДИЧОТ: За жал, само еднаш. И само неколку часа. Тој ме предаде на еден борец и ме испрати во едно блиско село до нашето, кај негови роднини. ЛУКОВ: А подоцна, подоцна, кога потпораснавте... сте се виѓавале ли со него? МЛАДИЧОТ: За тој единствен пат и Ви зборувам. Бев уште малечок. Тој дојде во селото, ме повика во дворот, ме погали и ми рече: „Сега веќе, синко, си голем. Ќе те испратам да станеш комита. И запамети: отсега имаш само еден родител: организацијата. И само една цел во животот: слободата на Македонија. Гледај, синко, да живееш како човек и да умреш за неа, ако треба. Та ти за друго и нема зошто да живееш“. Се помисли малку и додаде: „Впрочем, како и сите ние“. Посeгна во пазувата, го извади својот часовник и ми го даде. „Кога ќе ти е тешко, дојде кај мене“ - ме испрати. „Дојди... “ Но, јас се расприкажав. Горе постојано се подбиваа со моето пријателство со Ѓорчета. Престанаа дури да ми веруваат дека сево ова се случило и ме обвинија дека сум го измислил. ЛУКОВ: А... подоцна, подоцна? МЛАДИЧОТ: Оттогаш не сме се виделе. Токму затоа и сакам да го видам. ЛУКОВ: Вие секако многу добро се сеќавате за неговиот лик, неговиот од, воопшто за... МЛАДИЧОТ: Матно. ЛУКОВ: Па сепак... доста е нешто да Ве потсети на него и тој веднаш јарко да се открие во Вашите сеќавања? МЛАДИЧОТ: Не знам. Оттогаш има поминато многу време. За сиве овие години Ѓорче беше за мене с?: и мој животен идеал и совест човечка и самата - Македонија. Сиве овие години јас неотклоно ја следев таа права линија: да бидам како него, да постапувам како што тој би постапил, да се борам за она за кое се бори тој - со еден збор, да го правам само она што би го направил единствено тој. И еве до каде ме доведе таа моја права линија. До највисоката доверба на ЦК и на организацијата. Туку јас се расприкажав. Таму горе, заради подбивањата, јас повеќе молчам, а Вие се покажавте така љубезен да ме ислушате и... јас се заборавив. ЛУКОВ: Ништо. Ништо. МЛАДИЧОТ: Го виѓавате ли Вие често? Мислам, Ѓорчета. Како е? Се држи ли? Или е остарен? ЛУКОВ: Па... како да Ви речам: се држи, се држи... МЛАДИЧОТ: Верувате ли дека ќе биде можно да го видам? ЛУКОВ: Не знам. Не знам. Ќе треба да прашам. МЛАДИЧОТ: Сторете нешто повеќе од прашање. Ви се молам. Настојувајте. Никогаш нема да Ви го заборавам тоа. ЛУКОВ: Ќе сторам с? што е во моите сили. МЛАДИЧОТ: Ви благодарам. Вие сте - добар човек. ЛУКОВ: Само... (Му се доближува. Доверливо.) Да сум јас на Ваше место... не би зборувал за оваа работа со другите. Не затоа што тие не заслужуваат доверба... И самите знаете каква личност е Ѓорче. Би можеле да помислат дека се кревате на големо, дека сакате да изигрувате човек со врски, со лични пријатели во Централниот комитет. Нека остане сева оваа работа само наша тајна, а? МЛАДИЧОТ: Организирајте го Вие само среќавањето со Ѓорчета, па после барајте од мене што сакате. Ви веќавам, пред другите ќе молчам како гроб. ЛУКОВ: (Со нагласен акцент на тоа што тој ќе го стори.) А јас пак... Ви веќавам дека ќе го сторам дури и она што не ми е по силите за да ја овозможам средбата со Ѓорчета. Ах, еве ги и другите кај се разбудуваат. (Го вади часовникот и гледа.) Кај да е, ќе стигне пајтонот. Затоа, пригответе се. Не ќе смее долго да чека пред порта. МЛАДИЧОТ: Јас сум готов. Само да се измијам. ЛУКОВ: (Го испраќа со нагласено пријателство. Пред да се разделат.) Побрзајте. И... за нашава заедничка тајна - ни збор! МЛАДИЧОТ: Не грижете се. (Излегува.) ЛУКОВ: (Кога ќе остане сам како камен да симнал од себе. Вади шамиче и го брише лицето. Премалено седнува во фотелјата. Гледа исплашено пред себе. Така останува с? додека во собата не влезе Иван. Дури кога ќе го види Ивана, Луков како да се созема.) Вратите. ИВАН: (Ги проверува.) ЛУКОВ: (Откако Иван ќе му се приближи.) Нашите од Централниот комитет се - луди. Идиоти. Седат таму и ништо друго не мислат, освен како ќе си го направат својот товар. И како поскапо ќе му се продадат и на Дворецот и на црниот ѓавол, ако затреба. ИВАН: (Изненаден е од изгледот, уште повеќе од реакцијата на Луков. Тој очекуваше овој да го укори за дежурството, но кога ќе ги чуе зборовите на Луков сосем се изместува.) ЛУКОВ: ... Планираат убиства. Водат политика. Знаеш ли кој е овој недоквакан младич што ни го испратиле како атентатор на Ѓорчета? Претстави си сам: ни испратиле младич на кого Ѓорче му го спасил животот и кој на светов го има само него - Ѓорчета. Свинштина. ИВАН: Не е возможно! Ти се шегуваш! ЛУКОВ: Би сакал да се шегувам. Токму сега разговарав со него. Добро, добро е, многу добро што успеав да го навлечам да се исповеда. Инаку можеше да ни се случи вистинска комедија. Наместо со пукање, можеше сета работа да се сврши со - целивање. ИВАН: Сега што правиме? Да му јавиме на Централниот комитет? ЛУКОВ: Па да н? израдува со уште некоја ваква идиотштина. Акцијата ќе се изврши уште утринава. И како што беше договорено. Дојде ли до каква било засечка - стрелајте со вкрстен оган и во Младичот и во Ѓорчета. Имајте го Младичот постојано на нишан и ако ви се види макар што сомнително удрете со сите куршуми во него, макар и не го убиле Ѓорчета. ИВАН: Зар не ќе беше подобро да се допрашаме? Ги знаеш какви се оние горе. Да не би после ние да ја плаќаме сметката? ЛУКОВ: Никако допрашување. Одговорноста ја преземам - јас. По свршената акција, Методи нека дојде веднаш овде, а ти не доаѓај с? додека не си сигурен дека не ве следи никој. Забележа ли следење, ликвидирај го Младичот и право горе, кај Иванов. (Го зграбува за јаката. Му се внесува в лице.) И за сева оваа работа - ни збор. Никому. Проговори ли... ИВАН: Не грижи се. (На вратата се чука. Влегува Методи.) Што е? МЕТОДИ: Фезлиев е мртов пијан. Што ќе правиме со него? ЛУКОВ: Оставете го. Нека дојде со вас Никола. МЕТОДИ: (Трга да излезе.) ЛУКОВ: Чекај. Испразни му ги на Фезлиев шаржерите. Внимателно и да не те сети. Куршумите донеси ми ги мене. МЕТОДИ: Разбирам. (Излегува.) МЛАДИЧОТ: (Влегува.) Јас сум готов. ЛУКОВ: Одлично. Ене го и пајтонот. (Се слуша пристигнувањето на пајтонот и неговото запирање пред куќата.) ИВАН: (Оди до прозорецот и проверува.) Тој е. МЕТОДИ: (Влегува. Во рацете ги држи куршумите. Но, кога ќе го види Младичот, се збунува. Успева, поминувајќи покрај Луков да му ги стави в рака. Луков ги става во џебот од елекот. Потоа, оди, вади од фиоките бомби и му ги предава на Ивана.) ЛУКОВ: Употребете ги во крајна нужда. (Се оддалечува. Ги гледа и тројцата застанати пред него. Потоа патетично.) А сега... добра ви среќа, јунаци. Добра среќа и успех. Слобода или смрт. МЛАДИЧОТ: Слобода или смрт. МЕТОДИ: Слобода или смрт. ИВАН: Слобода или смрт. ЛУКОВ: (Му се приближува првин на Младичот и му ја подава раката за поздрав.) МЛАДИЧОТ: (Ја прима сиот блед и растреперен.) ЛУКОВ: (Го привлекува и патетично го прегрнува. Потоа се поздравува со Методи и со Ивана. На Методи.) Излегувај ти прв и провери на скалилата. МЕТОДИ: (Излегува. По малку се слуша договорен знак. Луков ги испраќа до вратата, Иван го става револверот во џебот и се наредува зад Младичот. Овој не подозирајќи ништо, излегува.) ЛУКОВ: (Откако ќе излезат, ја затвора вратата и се враќа во собата. Оди до прозорецот и го следи заминувањето на пајтонот. Додека тој така стои, влегува Неда.) НЕДА: Господин Луков... ЛУКОВ: Молам? НЕДА: Ќе појадете ли овде или во кујната? ЛУКОВ: Овде... ако тоа не Ви причинува особени тешкотии. НЕДА: (Излегува. По малку се враќа со јадење врз подавалник.) ЛУКОВ: Оставете го. Благодарам. НЕДА: (Откако ќе го остави јадењето.) Господин Луков... ЛУКОВ: Реков: благодарам. НЕДА: Не ми рековте за... сосетката. Таа ќе дојде и јас... ЛУКОВ: Да... Појдете кај неа и речете и’ дека не ќе можете да отидете со неа в град. Измислете каква било причина. Само гледајте да биде убедителна. И сторете с? - по секоја цена таа да отиде в град и да се задржи таму колку што може подолго. По можност да не се врати до вечера. НЕДА: А ако... ЛУКОВ: До гледање, госпоѓо Христова. (Цинично.) И... мислам дека треба да си... починете. Вие сношти воопшто не заспавте. Изгледа дека нешто не Ви беше добро... или пак бевте возбудени? Немојте, Ви се молам, та јас пред Вашиот ценет сопруг зедов обврска да се грижам за с? за вас, нели? НЕДА: (Одбивно.) Ви се молам. (Излегува.) ЛУКОВ: (Ја гледа. Овој пат со посебен, заинтересиран поглед и долго. Потоа седнува да јаде. Сцената, сосем како што изрони почнува одново да потонува во мрак.) IV - Малку подоцна во истата пустелија МАЛКУ подоцна во истата пустелија. Луков е сам. Пие. Видно е дека пиењето почнало да го потчинува. Тој постојано погледнува во часовникот и нервозно шета по собата. Влегува Фезлиев. ЛУКОВ: Добро што си се разбудил. Напишав едно писмо за Иванов. Ќе треба да му го однесеш. ФЕЗЛИЕВ: Писмо за - Иванов? Токму тоа го чекав. Дај го ваму. ЛУКОВ: (Изненаден е од ваквото реагирање на Фезлиев. Па сепак, му го дава писмото.) На. ФЕЗЛИЕВ: (Го зема.) Сега можеме да разговараме. ЛУКОВ: Што сакаш да кажеш? ФЕЗЛИЕВ: Тоа дека никогаш на никого не сум му дозволил да ме прави будала; најмалку ќе ти дозволам тебе. Благодари му на бога што не сум ве сетил кога сте ми ги празнеле шаржерите. Инаку би ве исекол сите до еден. Кој ти дозволил, по ѓаволите, да ги правиш тие идиотштини, да ме разоружуваш. ЛУКОВ: За какво разоружување зборуваш? На Крстју му недостигаа куршуми и ние решивме да ги земеме на заем од тебе. Меѓу другото, ти и самиот побара да те оставиме настрана од сева оваа работа. ФЕЗЛИЕВ: И затоа го изедовте сето ова така подмолно, додека спиев? ЛУКОВ: Твојата иронија е тука сосем непотребна. ФЕЗЛИЕВ: Каква трогателна пријателска внимателност? Добро што не сте се погрижиле да заспијам малку поцврсто? Бездруго има нешто многу гадно во оваа работа, што ти толку многу си се загрижил да ме разоружаш? ЛУКОВ: За какво разоружување зборуваш? Јас веќе ти објаснив. ФЕЗЛИЕВ: Тогаш, врати ми ги куршумите. ЛУКОВ: Штом ќе се вратат од акција - твои се. ФЕЗЛИЕВ: А дотогаш? Треба да му го однесам писмово на Иванов? Ако не е таму - да го чекам с? додека не дојде? ЛУКОВ: Да. Важно е да ти даде одговор. ФЕЗЛИЕВ: Ти, чинам, си заборавил дека јас се наоѓав во претсобјето, кога ти со истиве зборови го испрати Кирил Ацев... ЛУКОВ: Ти многу убаво знаеш како дојде до ликвидација на Кирил Ацев. ФЕЗЛИЕВ: Знам. И сосем не ме интересира до која мерка тоа беше вистина или не. Ме интересира само тоа дека сева работа со мене наполно личи на случката со Кирил. ЛУКОВ: Ми се чини дека е подобро да го однесеш писмото, отколку што се потресуваш со овие твои измислици. Впрочем ти самиот сношти побара да останеш надвор од сева работа? ФЕЗЛИЕВ: Да. Но, не и надвор од животот. ЛУКОВ: Глупости. ФЕЗЛИЕВ: Добро. Врати ми ги куршумите и ќе ти поверувам. Или уште подобро - дај ми го твојот пиштол. Се разбира, дури да се вратат моите куршуми. (Го остава својот, празен, пиштол врз масата.) ЛУКОВ: Не мислиш сигурно јас да останам невооружен, кога ќе се вратат од акцијата? ФЕЗЛИЕВ: Зошто невооружен? Со Младичот ќе се вратат и твоите двајца, а со нив... се надевам... и со моите куршуми? Или се лажам? ЛУКОВ: Не може. Ако не сакаш да го носиш писмото, дај ми го. ФЕЗЛИЕВ: Не плаши се. Ќе ти го вратам. Мене тоа, откако ќе го прочитам, сосема нема да ме интересира. Се разбира, до колку во него нема напишано нешто и за мене? ЛУКОВ: Да не си посмеал. ФЕЗЛИЕВ: Зошто? Нели сум и јас член на организацијава? Нејзин доверлив член? ЛУКОВ: Те предупредувам да го оставиш, инаку... (Го вади револверот.) ФЕЗЛИЕВ: Така значи... работата е толку заплеткана што треба и пиштолот да се повика на помош? Горам од нетрпение да видам што е тоа што те тера така брзо и така лесно да го извлечеш пиштолот. ЛУКОВ: Ти гарантирам дека во писмото ти не си спомнат. ФЕЗЛИЕВ: Жалам, но одамна веќе не им верувам на твоите гаранции. Впрочем, зошто тогаш толку конспирација од мене? Уште малку ќе посакаш од мене да ти поверувам дека го насочуваш на мене својот пиштол само за да спречиш, читајќи го ова писмо, да не си го расипам - апетитот? (Изнервиран.) Остави го, ти се молам, пиштолот. Ти така несмасно ракуваш со него, што би можело и несакано да направиш нешто. Ти многу убаво знаеш дека јас се плашам од секој друг пиштол, само не од твојов. Ако мислиш со него да ме одвратиш да не го читам писмово, се лажеш. Сакам да бидам сигурен дека не се однесува за мене и дека не ми се готви реприза на случката со Кирил Ацев. Да, да. Тоа би бил единствениот начин да се ослободиш од мене. (Иронично и нагласено.) ... Јас би го однесол писмово кај Иванов, тој би ме помолил да почекам одговор, таму би ме ликвидирале и ти би останал сосем настрана од сево ова и онаа работа со која јас те држам в раце не би имала такво дејство, како кога би загинал од твоја рака? ЛУКОВ: Доста. ФЕЗЛИЕВ: Остави го, пиштолот, по ѓаволите. Или пукај, или остави го. ЛУКОВ: Остави го писмото. ФЕЗЛИЕВ: Добро. Се гледа дека навистина ќе треба да почнам со читањето. А ти повели, па стрелај кога ќе ти се види најинтересно... (Го кине пликото.) ... само не заборавај, твоите истрели ќе привлечат овде луѓе, сеирџии и дека со тоа овој дом ќе стане сосем негоден за довршување на акцијата? Да видиме сега што си напишал. (Чита.) Драг Иванов... ЛУКОВ: Читај го во себе. ФЕЗЛИЕВ: (Откако ќе го погледа Лукова.) Добро. (Почнува да го чита писмото. Првин, неговото внимание е поделено меѓу Луков и писмото, со читањето писмото с? повеќе го обзема неговото внимание. Откако ќе го прочита, го крева погледот и долго, со гадење, гледа во Луков.) Како си можел само да ги измислиш сиве овие гадости? ЛУКОВ: Сето напишано е вистина. ФЕЗЛИЕВ: Срамота. Ако веќе сте решиле да го ликвидирате Младичот за да не ви ја открие трагата, сторете го тоа доблесно, машки. Никоја сила не бара од вас да измислувате вакви истории... ЛУКОВ: Јас ништо не сум измислил. ФЕЗЛИЕВ: Свесен ли си ти што зборуваш? ЛУКОВ: Јас - да. Но ти - не. Токму затоа и не сакав да го прочиташ писмото. Ти отсекогаш си бил само една сентиментална... баба. ФЕЗЛИЕВ: (Дури сега го забележува шишето пред Луков.) Ти си пиел? Сега ми е с? јасно. Си почнал да пиеш, ти се вратила пак твојата стара болест и си почнал да измислуваш? ЛУКОВ: А зошто сето тоа и не би можело да биде вистина? Затоа ли што таа твоја сентиментална душа не може да ги собере во себе вистините кои не и’ одговараат? Стори цели дванаесет години како професионален терорист и уште не разбра... Што ме гледаш така? Да. По неколку минути, сето ова ќе биде само една епизода за која веќе по три дена никој нема да си спомнува. Ти забораваш кои сме и каде живееме? ФЕЗЛИЕВ: Епизода? ЛУКОВ: Да, епизода. Впрочем, ти си крив што таа воопшто излезе од овој плик. За неа, додека ти така патетично и глупаво не го искина пликот, знаев само јас. И да не беше ти - таа ќе останеше само меѓу мене и Младичот. И тој ќе умреше без да дигне и најмалку прав. Ти се молам, остави ме да завршам. Не сме ние првите, ниту последните што се соочуваат со сево ова. Додека има идеалисти и глупаци, сиве овие истории ќе се повторуваат. Ако сакаш да знаеш, во сево ова има толку многу конвенционалност, што сега веќе може да возбуди само некој оперски херој како што си ти. ФЕЗЛИЕВ: (Крикнува.) Замолчи. Замолчи... (Пауза. Долга и напрегната.) ЛУКОВ: Јас сепак мислам дека за тебе ќе е најдобро, ако го земеш писмото и му го однесеш на Иванов. Ќе се оправдаш себеси зошто не си во акцијата. Најпосле, обиди се да ги заборавиш овие нешта, онака како што ги забораваш твоите црнила кога си пијан. (На вратата чука Неда.) Молам? НЕДА: (Влегува.) Господин Луков, јас... јас ќе појдам кај сосетката, во врска со она што го наредивте. ЛУКОВ: Добро. Не заборавете да земете и клуч со себе. И... не задржувајте се долго. НЕДА: Не. (Излегува.) ЛУКОВ: (Станува, оди по неа и ја проверува надворешната врата. Откако ќе се врати, го гледа Фезлиев така гровнат и скршен.) Ќе го носиш ли писмово? ФЕЗЛИЕВ: Не. ЛУКОВ: Тогаш значи дека... ФЕЗЛИЕВ: Ќе се опијам. Чувствувам дека морам да се опијам. Инаку ќе се збудалам. (Оди, зема од скривалиштето шише со ракија, се обидува да го отвори. Не може. Кога ќе види дека тапата не се вади, удира со грлото од шишето од масата, го крши, тура и со долги голтки, жедно пие. Откако ќе престане, меѓу две пиења:) Уште утре ќе заминам некаде далеку, далеку... Ех, кога би можело да се умре. И смртта ни ја одзедоа... (Го прекинува договорениот знак на вратата. Овој пат се чини како ѕвонењето да е нетрпеливо. Настапува напнат молк. Луков го вади револверот, го проверува дали е откочен и трга да ја отвори вратата. Фезлиев тапо гледа во сето тоа и за првпат не прави ни гест да го побара својот револвер. Влегува Методи. Тој е задишен од трчање. Одвај зборува.) ЛУКОВ: Како си смеел да трчаш? МЕТОДИ: Готово. ЛУКОВ: (Го гледа скаменето. Сосем како да не му верува на својот слух.) МЕТОДИ: Ѓорче е мртов. ЛУКОВ: (Го зграпчува за јаката и го растресува.) Сигурен ли си? МЕТОДИ: Како што те гледам тебе. Лежи на аголот од неговата улица, сиот во крв. ЛУКОВ: А Младичот? МЕТОДИ: Алал да му е. Не му даде на Ѓорче ни да се сврти. Му се доближи одзади и го испразни сиот шаржер во него. Ѓорче се поревна и падна. Јас еве седум години сум терорист и уште така сигурна рака не сум видел. (Се слуша клучот во вратата.) ЛУКОВ: (Му дава знак на Методи да замолчи и го отстранува во аголот.) НЕДА: (Влегува.) ЛУКОВ: Што стана со сосетката? НЕДА: Токму ја испратив по скалите. Отиде в град и рече дека нема да се врати с? до вечера. ЛУКОВ: Одлично. НЕДА: Јас... слободна ли сум, господине Луков? ЛУКОВ: Да, ова... Ве молам, госпоѓо Христова, да ни сварите по едно кафе. Другарите успеале во акцијата и само што не се вратиле... НЕДА: (Ја прима веста како удар. Растреперена е.) Успеале? ЛУКОВ: Да. Да. Не грижете се. Иван само што не пристигнал. НЕДА: Веднаш... веднаш... (Излегува поревајќи се како пијана.) ЛУКОВ: (Ја затвора зад неа вратата и се враќа до Методи.) Како проверивте дали е мртов? МЕТОДИ: Како што се здоговоривме. Иван и Младичот отрчаа накај пајтонот, а јас се замешав меѓу народот и дотрчав до трупот. Кога стигнавме до Ѓорчета, тој беше веќе мртов. ЛУКОВ: (Го удира силно, но од радост, Методи по рамениците. Потоа го прегрнува.) Чудесно. МЕТОДИ: (Веќе зазборуван од радоста.) Пак и луда среќа н? послужи. Веднаш по паѓањето на Ѓорчета, токму во спротивен правец од Младичот и Ивана, почнаа да бегаат некои луѓе. Веројатно исплашени од пукањето. Една жена извика по нив: „Држете ги, тие пукаа“. И сите се упатија таму. Младичот и Иван никој не ги побрка. Се надевам дека без тешкотии ќе стигнат овде. ЛУКОВ: Одлично. (Му го подава писмото што го имаше Фезлиев.) Сега, веднаш со ова писмо ќе појдеш кај Иванов и ќе му ја раскажеш случката. Сите работи ќе бидат извршени сосем како што му е назначено во писмото. По пат - внимателно. И веднаш назад. МЕТОДИ: Не грижи се. (Го зема писмото. Трга кон вратата.) ЛУКОВ: (Го испраќа.) МЕТОДИ: (Пред да излезе, се врти кон Луков.) Кога ќе дојде Младичот, честитајте му и од мене. Беше сјаен. ЛУКОВ: Добро. Добро. МЕТОДИ: (Излегува.) ЛУКОВ: (Ја затвора вратата и се враќа.) ФЕЗЛИЕВ: (Кој сето време го слушаше расправањето на Методи отсутно, станува и трга кон кујната.) Јас ќе излезам... в кујна. Чувствувам дека не ќе имам сили да се сретнам со Младичот. ЛУКОВ: Можеби ќе беше подобро да излезеш некаде. ФЕЗЛИЕВ: Не. ЛУКОВ: (Оди до прозорецот и гледа на улица.) По ѓаволите, што се враќа овој? ФЕЗЛИЕВ: (Застанува, токму пред кујнската врата. Тука останува сета следна сцена.) ЛУКОВ: (Оди до вратата и му ја отвора на Методи.) Што е? МЕТОДИ: Долу, кај аголон ме пресретна шоферот на Иванов. Го испратил да те земе тебе и да те одведе кај него. И тебе и Ивана. Ми рече веднаш да слезеш долу Иванов исто така, порачал, јас... ова писмо да го однесам... горе. ЛУКОВ: (Изненаден и збунет. Отстапувајќи наназад.) Шоферот на Иванов? Да ме земе мене? МЕТОДИ: Така рече. ЛУКОВ: Сигурен ли си? МЕТОДИ: (Молчи. Пауза.) ЛУКОВ: (Нервозно, испокинато.) Јас... јас не можам. Акцијата уште не е завршена. Ивана го нема. Не. Појди и кажи му дека не можам. МЕТОДИ: (Двеумејќи се, бавно трга.) ЛУКОВ: Чека. Појди и речи му дека ќе дојдеме со Ивана штом тој ќе се врати. Што ме гледаш така? Побрзај. МЕТОДИ: (Извесно време останува, збунет од реагирањето на Луков, на местото, потоа трга и излегува.) ЛУКОВ: (Оди до прозорецот и гледа на улицата долу. Нервозен е. Го проверува револверот, сосем како да не го стори тоа пред неколку мигови. Потоа се враќа, шета нервозно, испокинато, по собата, пали цигара и ги влече долго и жедно чадовите од цигарата. Очевидно е дека повикот на Иванов го измести, го лиши од неговата поранешна сигурност. Ова е првпат да го гледаме Лукова така немоќен, смален и слаб. Се враќа Методи. На отворањето од вратата Луков отскокнува и го управува револверот кон вратата. Методи застанува.) Сам ли си? МЕТОДИ: Сам. ЛУКОВ: (И покрај одговорот на Методи не го симнува револверот.) Што ти рече? МЕТОДИ: Само ти не лути се. ЛУКОВ: Зборувај веќе еднаш. МЕТОДИ: Вели: ако не слезеш веднаш, нема да те чека. Ќе отиде кај Иванов и ќе му рече дека откажуваш... Вели дека Иванов бил бесен и дека тој не сака да страда заради тебе... ЛУКОВ: Иванов бил лут? МЕТОДИ: Појди. Знаеш и самиот каков е Иванов кога е лут. ЛУКОВ: (По подолга пауза.) Дај ми го твојот револвер. МЕТОДИ: Мојот? Што ќе правам јас без него? ЛУКОВ: Давај го, кога ти велам. МЕТОДИ: (Уплашено и насила, отпочнува да го отпашува својот ремник.) ЛУКОВ: Само револверот. МЕТОДИ: (Престанува со отпашувањето на ремникот, го вади револверот и му го дава на Луков.) ЛУКОВ: (Го зема и го проверува. Откако ќе го откочи, го сокрива под палтото. Кога ќе го сокрие, проверува дали може лесно да му биде пронајден. Најпосле, излегува. На вратата, кон Методи, кој сето тоа го гледа сосема изместен.) Исчекај го Ивана. И кажи веднаш нека доаѓа по мене. (Излегува.) МЕТОДИ: (Гледа збунет по него. Дури по извесно време станува свесен за пликот што го има во рацете. Се обѕрнува беспомошно околу себе.) А јас, а јас што треба да го однесам писмово? (Кон Фезлиев.) Фезлиев, тој не рече што да правам јас со писмово? ФЕЗЛИЕВ: (Се врти.) Ќе правиш она што ти го порачал Иванов. Ти виде и самиот како се однесува Луков со наредбите на Иванов? МЕТОДИ: Тогаш, ти дочекај го Ивана и Младичот, а јас одам да го однесам ова... (Мавта со писмото.) ... горе. (Излегува.) НЕДА: (Влегува од кујната.) Се вратија ли? ФЕЗЛИЕВ: Не уште. Ќе Ви јавам јас кога ќе дојдат. НЕДА: (Трга да излезе.) ФЕЗЛИЕВ: Госпоѓо Христова... НЕДА: (Застанува. Се врти.) Молам? ФЕЗЛИЕВ: (Ја гледа. Се двеуми. Одмавнува очајно со раката.) Благодарам. Ништо, ништо... НЕДА: (Излегува.) ФЕЗЛИЕВ: (Откако ќе излезе Неда, ги проверува вратите и почнува да ги претресува фиоките. Не наоѓа ништо, барем не тоа што го бара. Додека тој бара, надворешната врата се отвора. Влегуваат првин Младичот, па Иван. Фезлиев се скаменува на местото.) МЛАДИЧОТ: (Блед е. Се чини секој момент ќе се струполи на земја. Поревајќи се, се довлечкува до една од фотелјата и седнува во неа.) ИВАН: Каде е Луков? ФЕЗЛИЕВ: (Сето време фасцинирано гледа во Младичот.) Кај Иванов. Те чекаат и тебе. Иванов порачал и ти веднаш да појдеш кај него. ИВАН: Јас? ФЕЗЛИЕВ: Да. Веднаш. ИВАН: Методи - каде е? ФЕЗЛИЕВ: Таму каде што го испратија. Ќе појдеш ли или да појдам јас и да им речам дека не можеш? ИВАН: (По мала пауза.) Ќе појдам... ако рекле така. (На Фезлиев, покажувајќи на Младичот.) Погрижи се за него. Изгледа дека му е тешко од тоа што првпат убива. (На Младичот.) Колегава Тажен ќе ви помогне. Јас морам да одам. Се враќам веднаш. (Излегува.) МЛАДИЧОТ: (Сето време откако е влезен, седи во фотелјата и дише тешко, забрзано, со затворени очи, како да не му достасува здив. Потоа, го стега грч, му стежнува, го тера на повраќање. Одвај се додржува. Кога ќе се повтори грчот, станува и сака да излезе. Се порева. Му притрчува Фезлиев и го придржува да не падне на земјата и да не поврати.) Одеднаш... Сигурно е од возењето. (Излегуваат кон клозетот и ја оставаат вратата отворена. По малку, се враќа Фезлиев. Оди кон кујната.) ФЕЗЛИЕВ: Госпоѓо Христова... НЕДА: (Истрчува од кујната, во пресрет на Фезлиев. Гледа избезумено по собата. Го бара Ивана.) ФЕЗЛИЕВ: Ви се молам една чиста крпа, госпоѓо. На нашиов пријател му се слоши. Јас ќе земам... (Излегува во кујната.) НЕДА: (Трча во собата и се враќа со крпа.) ФЕЗЛИЕВ: (Се враќа со леген во рацете. Меѓутоа, веднаш се повлекува во кујната, затоа што се отвора надворешната врата и во собата, без здив од трчање, влегува Милка. Таа вика, избезумено, уште од скалите.) НЕДА: (Кога ќе ја види Милка, првин се стаписува. Потоа, притрчува кон Милка, сака да и’ го препречи патот и да ја истурка од собата. Меѓутоа, Милка и’ се откинува од рацете и се спушта во најблиската фотелја.) На мажот ми му е нешто тешко. Се извинувам. Дојди подоцна. МИЛКА: Ти изгледа не си чула? (Токму во тој момент во собата се враќа Младичот. Тој уште се порева, ја трие главата и се обидува да ја истера тежината што го корне целиот. Бидејќи Младичот е зад грбот на Милка, таа не го забележува. Неда скаменето гледа во Младичот.) Сестро мила, го убиле Ѓорчета Петров. Туку што стигнав до бакалницата на аголот, гледам: луѓе, врволица... Кога што ќе чујам: „Го убиле Ѓорчета Петров. Го убиле Ѓорчета Петров“. МЛАДИЧОТ: (На овој крик, се скаменува. Дури тогаш му станува јасно за што станува збор. Сето подоцна што ќе го чуе од Милка татни во него.) МИЛКА: Што беше тоа колната рака што се крена на него. Што беше тоа мајка што го роди тој крвник чијашто рака го уби Ѓорчета. Како можеше? Како не му пукна срцето кога ја креваше раката... МЛАДИЧОТ: (Ги прегризува устите да не крикне.) ФЕЗЛИЕВ: (Влегува од кујната.) Госпоѓо Христова, мажот Ви Ве бара. (На Милка.) Се извинувам, госпоѓо. МИЛКА: (Го гледа вчудоневидено, уплашено.) НЕДА: (Ја зема Милка скоро за раменици и ја крева од фотелјата. Истовремено на Фезлиев.) Веднаш. Веднаш. МИЛКА: (Исплашена се покорува и, постојано гледајќи во Фезлиев, повлекувајќи се наназад, не го забележува Младичот. Излегува. Неда ја затвора зад неа вратата и премалено се опира врз ѕидот, до самата врата.) МЛАДИЧОТ: (Дури сега крикнува. Тоа е страшен, можеби затоа што е придушен, крик. Потоа, од Младичот рукнуваат солзи. Тој само повторува.) Тоа не е возможно. Не е вистина. Не е и не може да биде вистина. Па, зар јас?... Јас да го убијам него? (Му се фрла на Фезлиев. Го зграпчува диво за гуша.) Не е вистина. Не е вистина. Речете дека не е вистина. ФЕЗЛИЕВ: За жал - вистина е. Вистина. МЛАДИЧОТ: (Го држи уште малку Фезлиева, потоа го отфрла од себе. Во истиот момент го согледува револверот од Фезлиев врз масата. Се стрчува и го зема. Го управува во Фезлиев.) НЕДА: (Крикнува.) Не. МЛАДИЧОТ: Ќе ми платите за с?. Нема да умрам додека не ве истребам до последниот. ФЕЗЛИЕВ: (Со горчина и резигнирано.) Наместо да се залажуваш со тоа, синко, подобро е да избегаш, додека не дошле другите. Револверот што го држиш в раце е мој - и, за жал, празен. Го испразнија тие - само за да го попречат ова. МЛАДИЧОТ: (Проверува. Откако ќе се увери дека револверот е празен, го фрла на земјата. Останува така, исправен и наполно изместен.) ФЕЗЛИЕВ: Ако некој навистина, во овој час, жали што е празен, тоа сум јас. И затоа, не чекај, бегај, бегај додека не се вратиле. Зашто тие го имаат приготвено и твоето убиство. Да, да, убиство. Бегај и, ако успееш, раскажи му ја на светот својата вистина. Побрзо. (Го зема за раменици и го води кон излезната врата.) Бегај. (Му ја отвора вратата и го истуркува надвор.) Бегај. (Потоа, веднаш ја заклучува однатре вратата. Штом ќе ја заклучи, се враќа во собата и оди до прозорецот и гледа на улица. По малку, олеснето.) Излезе, Истрча. (Се врти.) Туку, каде го испратив јас, по ѓаволите. Па тој не ја знае Софија, ниту има некого во неа. (Кон Неда.) Госпоѓо Христова, јас не Ве задолжувам да молчите за ова што го видовте. Јас не можев поинаку. НЕДА: (Го гледа. И покрај сета уплашеност, видливо е дека таа му сочувствува на Фезлиев. Затоа, по некој внатрешен порив таа почнува да ги турка фотелјите, столовите, да расфрлува с? по собата, давајќи и’ со тоа вид дека е таква по битка и сугерирајќи дека Младичот, по борба, му избегал на Фезлиев.) ФЕЗЛИЕВ: (Ја гледа. Отспрвин не ја разбира, но кога ќе ја открие нејзината намера и уште повеќе јаловоста на тој нејзин обид, тој и’ се обрнува веќе мирно и смирувачки.) Не. Не. Сето тоа нема смисла. Не ги познавате Вие нив... НЕДА: Не зборувајте ништо. Не зборувајте ништо. (Скоро истовремено, во собата се втурнуваат, откако ќе ја отклучат вратата Луков и Иван. Кога ќе го види Ивана, Неда крикнува.) Иване, Иване, мили. ЛУКОВ: (Ја оттурнува Неда и се упатува кон Фезлиев.) Каде е Младичот? ФЕЗЛИЕВ: (Мирно.) Јас те предупредив да не ме оставаш разоружан. ЛУКОВ: (Го удира Фезлиев со дршката од својот револвер.) Свињо пијана. Методи - каде е? ФЕЗЛИЕВ: (С? уште, но одвај, се додржува на нозе од ударите на Луков.) Таму каде што е испратен. ЛУКОВ: (Го удира Фезлиев уште еднаш по главата.) ФЕЗЛИЕВ: (Паѓа на земјата.) ЛУКОВ: (Се наведнува и го влече кон собата, по пат го удира со нозете онесвестениот Фезлиев.) Нема да се спасиш. Со тебе подоцна ќе разговараме. (Го фрла во собата. Телото на Фезлиев паѓа со тап удар врз подот. Луков се враќа во собата. Неда го гледа избезумено од страв. Луков му се доближува на Ивана.) По младичот. Најди ги Методи, Крстју, сите што ќе успееш. Го видовте ли - стрелајте без предупредување. И гледајте да го убиете. Не престанувајте да пукате с? додека не биде сосем мртов. Потоа, останете таму над него и разгласете дека е тој убиецот на Ѓорчета и дека вие сте му одмаздиле во името на Македонија. ИВАН: (Иако не сака, трга.) НЕДА: Иване, не оставај ме. (Му се фрла во прегратката на Ивана. Овој сака да ја одбегне, но не успева. Таа е сета растреперена и само се впива во него.) ЛУКОВ: (Им се доближува. Со едно грубо движење, ја откинува Неда од Ивана и ја бутурисува кон кујната. На Ивана, со револверот вперен во неговите гради.) Што стоиш? Белки оваа никаквица не те свиткала дотаму што да ти одмилел, овде - веднаш, животот? Напред. НЕДА: Иване, бегај. ИВАН: (Трга да излезе.) ЛУКОВ: (По него.) Не ја изврши ли наредбата, не ќе има катче што ќе може да те скрие. НЕДА: Иванеее. ИВАН: (Излегува.) ЛУКОВ: (На Неда.) В кујна. И донесете ми јаже за оној пес. НЕДА: (Излегува.) ЛУКОВ: (Оди до собата каде што го фрли Фезлиев и гледа во собата. Влегува Методи. Сиот уплашен. Во рацете носи некаква хартија.) ЛУКОВ: Што има? МЕТОДИ: (Му ја подава на Луков хартијата. Сега дури гледаме дека тоа е всушност писмо.) ЛУКОВ: (Го зема и го чита.) МЕТОДИ: Му го извлеков од пазува. ЛУКОВ: На Младичот? МЕТОДИ: Нему. ЛУКОВ: Каде е тој? МЕТОДИ: Во Царската градина - обесен. ЛУКОВ: (Го зграпчува за гуша.) Што рече? МЕТОДИ: Обесен. Веднаш десно од езерото. ЛУКОВ: Сигурен ли си? МЕТОДИ: Сигурен. Врвев низ градината, го носев писмото од Иванов, знаеш каде... Кога одеднаш слушам викотници и тропање. Се стрчав и јас натаму, кога гледам врволица луѓе собрани околу двајца што сметнуваа обесен од едно дрво. Го познав веднаш дека е Малдичот и се замешав во симнувањето, но тој веќе беше мртов. Во пазувата му го најдов писмово и скришно го засолнав. ЛУКОВ: Трупот. Што стана со трупот? МЕТОДИ: Уште е таму. Токму кога идеше полицијата, јас побрзав кај тебе. Со писмово. ЛУКОВ: (Веќе смирен, седнува да го чита писмото.) МЕТОДИ: (Го гледа. Потоа, му се приближува и седнува врз најблискиот, соборен, стол.) Зошто се обесил? Што пишува? ЛУКОВ: (Строго.) Ништо. (Зема хартија и почнува да пишува писменце. Откако ќе го заврши, му го подава на Методи.) Однеси му го ова на Крстју. Потоа, веднаш кај Иванов. Раскажи му го сево ова и нему. МЕТОДИ: (Уплашен, збунет, тажен, го зема писменцето и тешко, бавно, трга кон излезната врата.) ЛУКОВ: (Вика.) Ајде. Побргу. МЕТОДИ: (Се стреснува. Се врти. Го погледнува Лукова. Првпат во неговиот поглед, низ стравот, пробива и омраза. Излегува.) ЛУКОВ: (Откако ќе го испрати Методи, останува сам. Се обѕрнува. Би требало да е задоволен, но тој е само, и тоа видливо, уморен. Стои на средината од собата и замислено гледа пред себе. Потоа, оди до масата, го зема писмото од Младичот и го чита. Седнува. Откако ќе го прочита, го држи уште едно време пред себеси. На крај, со уморен глас, ја вика Неда.) Госпоѓо Христова, суредете ја собава... Ви се молам. НЕДА: (Влегува. Се зафаќа со суредувањето на собата. Го прави тоа уплашено, забрзано, со очигледна намера што помалку време да остане во собата. Кога ќе приврши, ја запираат зборовите на Луков.) ЛУКОВ: Госпоѓо Христова, јас сум... предател... НЕДА: (Изместено гледа во него.) ЛУКОВ: (Го покажува писмото.) Во ова писмо, оној Младич, ме нарекува... предател. И ми се заканува со Историјата. И’ порачува нејзе, на Историјата, да го задржи во убав спомен. Како Историјата да е споменарник или момински дневник. Е, драги мој,... Можеби, сето тоа, во некоја друга Историја и да е ново. Во нашата - не е. Во македонската историја, драги мој, има само... предатели... досега барем. И ти не кажуваш ништо ново со тоа што ме наречуваш мене - предател. Кој знае, по ѓаволите. Можеби и имаш право. Но, тоа не е најстрашното. Најстрашното е во тоа што сево околу нас свршува како затворен круг. Денес, еве, и Ѓорче е мртов, мртов си и ти. Па сепак, никој не мисли дека сево ова е и некаков крај. Иванов, за мене, веќе смислува нов Ѓорче Петров, го именува веројатно Димо Хаџи Димов или кој знае како, и се готви, веќе утре, да ми го порача мртов, со истата закана - ... дека ако не отиде главата на тој нов Ѓорче, ќе отиде - мојата. А и Иванов, малечок мој, зборува како и ти - за Македонија. А таа е мртва, одамна мртва, првин во нашиве срца а после таму каде што ја бараш ти - во Историјата. НЕДА: (Мислејќи дека Луков заборавил на неа, прави обид да се повлече кон својата соба.) ЛУКОВ: Останете, госпоѓо Христова. Не ми се останува сам. НЕДА: (Останува на местото.) ЛУКОВ: (И’ го подава писмото.) Повелете, прочитајте го. НЕДА: (Првин се плаши да го земе, потоа го зема и почнува да го чита. Ужасот на нејзиното лице е поголем со секој прочитан ред. Додека таа чита, Луков продолжува.) ЛУКОВ: Веројатно, додека го пишувал... мислел дека со ова парче хартија ќе го потресе светот и ќе го присили да му одговори на прашањето: „Како е можно човек што сиот живот го следел својот идеал, да стигне до тоа да стане убиец на тој ист идеал?“ Сигурен сум дека дури и не помислувал дека врховниот циник, македонската историја, тоа писмо ќе ми го предаде мене в раце. НЕДА: (Во ужас го остава писмото врз масата.) ЛУКОВ: (Станува.) Но, нека оди с? по ѓаволите. (Пие долго.) Веќе утре, сите работи ќе си бидат на своите места. Овде пак ќе се врати оној бедник, Вашиот маж, со неговото бесконечно пелтекање за Македонија, а Вие ќе продолжите и натаму да му ставате рогови со Ивана... НЕДА: (Во крик.) Господин Луков. ЛУКОВ: (Цинично, откако ќе отпие уште неколку голтки.) Што ме гледате така, госпоѓо Христова? За мене - нема тајни. Иван во сева игра со Вас извршуваше само уште една моја задача, како што пред малку отиде да го убие Младичот. НЕДА: Лажете. ЛУКОВ: Не лажам, госпоѓо Христова. Не лажам. Што ќе речете ако Ви раскажам дека синоќа додека Вие овде... шушукавте со Ивана за неговото бегање во Америка, моите луѓе долу во потонот за малку што не го заклаа вашиот маж затоа што, целата ноќ, по оној дожд, се движел околу куќава за да не Ве остави сама? НЕДА: Ви се молам. ЛУКОВ: Како што гледате сите сме еднакво... сите едно. Токму затоа, отидете во својата соба и... чекајте ме. (Тргнува накај неа.) НЕДА: (Се повлекува наназад кон својата соба.) Господин Луков. ЛУКОВ: (Веќе пијан. Ја гледа стрвнички.) И не присилувајте ме, Ви се молам... да бидам... (Цинично, но нежно посигајќи по неа.) ... груб. НЕДА: (Пред неговата подадена рака се повлекува во собата.) ЛУКОВ: (Задоволен гледа кон неа. Потоа, оди до прозорецот и го отвора. Во собата навлегуваат викањата на продавачите на весници: ВЕСНИЦИ! ВЕСНИЦИ! УБИСТВО НА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ! УБИСТВО НА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ! ВЕСНИЦИ! ЃОРЧЕ ПЕТРОВ Е МРТОВ! ЃОРЧЕ ПЕТРОВ Е МРТОВ! Слуша извесно време задоволен.) Останува само уште финалето на... комедијата. Си го претставувам утре Иванов, со каква трогателност ќе говори над гробот на Ѓорче: „Скап Ѓорче... “ (Се смее. Се враќа до фотелјата преку која му е префрлено палтото, го зема и трга во собата на Неда. Зачекорува внатре. Штом ќе влезе сосем, се слушаат неколку истрели. Се слуша паѓањето на човечко тело врз земјата. Сцената останува неколку мигови празна. На крај, од својата соба, со револвер во рацете, сета избезумена, се појавува Неда. Дури кога ќе дојде на средината од собата, станува свесна за револверот во своите раце. Го гледа уплашено и го фрла на земјата. Истовремено со тоа, во собата, сиот во крв влегува Фезлиев. Кога ќе го види него, Неда крикнува повеќе безгласно, отколку чујно.) ФЕЗЛИЕВ: (Оди до собата на Неда. Гледа. Се враќа.) По ѓаволите, тој сепак излезе среќен. (Се врти кон Неда. Истовремено со неговите први зборови, некој се обидува да ја отвори надворешната врата и кога не ќе успее, почнува да удира во неа.) Госпоѓо Христова, повлечете се во кујната. И не зборувајте му на никого ништо. Оставете го сево ова на мене. Вие сосема не заслужувате по сево ова да Ве влечкаат пред луѓето. Ви се молам. Оставете ми ја мене можноста преку сево ова да се извлечам од моите црнила и да му се оддолжам на тоа што сум бил и јас некогаш - младич. НЕДА: (Сета избезумена, му се покорува. Тој и’ помага во тоа. Откако ќе ја одведе до кујната, тој ја заклучува вратата од кујната и го става клучот в џеб. Во вратата веќе бесно се удира. Нечиј глас вика: „ФЕЗЛИЕВ, ОТВОРИ. ИВАНОВ Е ТУКА, ФЕЗЛИЕВ... “ ФЕЗЛИЕВ: (Се наведува, го зема револверот што го фрли Неда и се прекрстува.) Господи, белки не умрел Македонецот во мене. (Трга кон вратата, која веќе попушта под ударите. Неговото движење е бавно, но спокојно. Светлината се гаси и с? пак потонува во мракот од кај првобитно изрони. Татнат ударите врз вратата во мракот - с? додека завесата и нив не ги придуши. Штама. Завеса.)